Пензионерите со најниски пензии се меѓу целните групи опфатени во пакетот антикризни мерки што ќе биде усвоен од Владата идната недела, а најдоцна до крајот на месецов, соопшти министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска. Притоа, посочи дека се прават согледувања за тоа дали се потребни некакви законски измени за да може што побрзо да се стартува со финансиската поддршка.
Во однос на барањата за линеарното зголемување на пензиите за пет илјади денари и утврдување на минималниот износ на 18, односно 20 илјади денари, министерката уште еднаш го повтори сопственот став за нивната нереалност.
Воедно, посочи дека тоа го бараат пензионерите со високи пензии.
„Има различни барања од пензионерите, но тие доаѓаат не од сите, туку од пензионери кои имаат високи пензии, а ги гледаме на протестите. Сите што се вклучени во иницијативниот одбор се пензионери кои имаат 30, дури и 50 илјади денари пензија. Најмал дел се оние со најниски пензии“, децидна е Тренчевска.
Само за линеарниот раст од пет илјади денари за сите пензионери – 336 илјади, ќе се потребни околу 324 милиони евра годишно, а може да се претпостави каква ќе биде фискалната импликација за 18 или за 20 илјади денари минимална пензија.
„Ова се барања кои се нереални со оглед на состојбата на пензискиот систем. Тој е стабилен, но со каква било интервенција ќе ги доведеме во ситуација идните генерации кои треба да бидат пензионери да не можат да добијат пензија, а ќе ја доведеме во прашање и исплатата на пензиите и на овие 336 илјади пензионери. Мора да се грижиме за стабилноста на пензискиот систем. Оваа Влада се грижи за навремена исплата на пензиите и тие се исплаќаат секој први во месецот. Со ваквите политики обезбедуваме сигурност“, тврди Тренчевска.
Со новата методологија и системското решение за постојан раст на пензиите, од девет илјади, минималната пензија дојде до 13.100 денари.
„Не велам дека 13.100 денари се доволно за еден пензионер да го издржи месецот, но затоа овде се различните мерки како финансиска поддршка што Владата ги креира за да можеме заедно, на солидарна основа, да му помогнеме на секој што се наоѓа во некаква состојба, односно нема доволно приход за да може да го издржи месецот“, образложи министерката.
Инаку, Сојузот на пензионери „Пензионери за достоинствен живот“, кој изминатиов период организира протести низ државата, изработи можни законски решенија со кои ќе се исполнат нивните барања. Па, вчера во Собранието ја поднесоа Иницијативата за донесување закон за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување и закон за дополнување на Законот за здравствено осигурување со предлог – закон по скратена постапка.