Се намалува обемот на работата, за работничките на средна возраст иднината е неизвесна. Текстилната индустрија е погодена од состојбите и на домашен и на странски терен. Иселувањето на младите од земјава е проблем кој се одразува и во овој сектор. Нарачките од странските партнери се пренасочуваат кон Египет и Мароко. Состојбата е алармантна – упатените укажуваат дека во просек оваа дејност губи по еден клиент дневно. Примарна причина не е цената, туку возраста на работната рака. Поради тоа, без егзистенција можат да останат текстилните работнички кои имаат повеќе од 50 години.
Египетската влада дава големи субвенции за отворање и опремување на конфекциите со современи машини, а со цените се на слично ниво како и кај нас, 12 евроценти за минута. Не се поевтини, но имаат млада работна сила што ги прави поконурентни, посочи Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи, укажувајќи дека четири штипски конфекции веќе имаат проблеми предизвикани од намаленото производство. Пред се, поради тоа што европските брендови воочиле дека во Македонија нема доволно млада работна сила.
Работата засега продолжува, односно конфекциите опстојуваат од производството за домашниот пазар. Но, што ќе се случува понатаму, ќе се знае на почеткот од идната година. Тогаш, според Димитров, ќе се одлучи дали ќе се стави клуч на овие текстилни капацитети. Во тој случај работата ќе ја загубат работничките, кои до остварувањето на правото за пензија имаат уште десет до 15 години.
Овој проблем само се надоврза на другите со кои се соочува оваа индустрија. Во криза е Германија, а 70 отсто од македонското производство е врзано за тој пазар, па тоа веднаш се почувствувало преку намалувањето на нарачките.
Од текстилната индустрија сметаат дека државата не инвестира во овој сектор. Насочена е кон ТИРЗ зоните и на тамошните компании им дава бенефиции.
Кај нас се избегнува разговорот за проблемите, иако социјалниот дијалог е примарниот начин на кој текстилната индустрија може да се претвори во успешен бизнис модел, посочи неодамна претседателката на „Гласен Текстилец“, Кристина Ампева. Како пример упати на градот Борос во Шведска, кој како и Штип се потпира на текстилот. А, некогашната катастрофална состојба била надмината по пат на социјален дијалог, по што пропаднатата текстилната индустрија целосно се возобновила.