ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ | ШТЕРИЕВ: Побарувачката на пазарот не е проблем – ни треба понуда

    Време зa читање: 13 минути

    Македонската берза е навлезена во помирна фаза по претходните неколку години, оценети како мошне добри. Забележлив е пад на прометот, кој уследи по стартот на оданочувањето на капиталните добивки од тргувањето со хартии од вредност.

    Странските инвеститори се малубројни. Прометот се заснова на домашните инвеститори, меѓу кои се повеќе се појавуваат граѓаните. Шансата, пак, се гледа во регионалните инвеститори, поради што Загрепската берза влезе во сопственичката структура на Македонската берза.

    За состојбите на домашната и на берзите низ светот, во интервју за порталот „Пари“ зборува главниот извршен директор на Македонска берза, Иван Штериев, чија констатација, всушност, е посочување на лекот што и е потребен на институцијата со која долги години успешно раководи: „Побарувачката на нашиот пазар на хартии од вредност веќе не е проблем – кога ќе се појават интересни и атрактивни инструменти како граѓанската обврзница, се генерира побарувачка. Значи предизвикот е на страната на понудата“.

    Пари: Г-дине Штериев, да направиме еден осврт на состојбите на Берзата во првото полугодие од 2023 година. Неодамна беше објавен и берзанскиот полугодишен статистички билтен. Видливо е дека е забележан пад на прометот и на бројот на трансакции на пазарот…

    Штериев: Во 2023 година, односно во првите шест месеци од годинава, по подолг временски период, се забележува една забавена динамика на Македонската берза. Сепак, објективно е да се каже дека овогодишните резултати ги споредуваме со претходните три-четири години, кои навистина беа многу добри за нашата Берза, што ќе рече дека и базата за споредба од која влечеме заклучоци е доста висока. Анализата на прометот во првиот семестар оваа година покажува дека берзанскиот промет е на ниво од пред 2018 година, односно како во периодот 2012-2018 година, кога статистичките перформанси на Македонската берза биле слични, па и полоши. Да споменеме само неколку бројки што засега статистички ја карактеризираат оваа година во периодот јануари – јуни: вкупниот промет по сите основи е некаде над 43 милиони евра, а тоа е намалување во споредба со истиот период минатата година од над 42%; вкупниот промет во БЕСТ системот – класичното тргување е околу 22 милиони евра, а индексот МБИ10 е фактички во плус – за шест месеци ценовните нивоа на најликвидните акции се зголемени за неполни 2%.

    Пари: Кои се причините за ваквите резултати, односно што се влијае на пазарните состојби?

    Штериев: Причините за овие состојби се хетерогени – има една цела лепеза различни фактори што влијаат на пазарните состојби. Прво, особено во првиот квартал, воведувањето на оданочувањето на капиталните добивки од тргувањето со хартии од вредност имаше силен негативен импакт. За ова предупредувавме во текот на минатата година, кога креаторите на политиките го најавија ова оданочување и, за жал, нашите прогнози се остварија во смисла на негативните влијанија на пазарот – помалиот промет е евидентен. Веруваме дека ова прашање ќе дојде повторно на дневен ред и дека ќе треба делумно или целосно да се размислува за ослободување од ова оданочување. Нашиот пазар, едноставно, се уште не е подготвен за ова. Понатаму, како и глобално и регионално, општото економско окружување на почеток од годината беше обременето со многу предизвици, имаше песимизам поради зголемувањето на инфлацијата, зголемувањето на каматните стапки, можноста од рецесија… Мора да се каже дека нашите котирани компании добро се држат, барем во првиот квартал. Во очекување сме на нивните резултати за првите шест месеци, што до крај на јули треба да се објават во јавноста. Зголемувањето на каматните стапки, поради неопходното зауздување на инфлацијата, гледано vis-a-vis интересот на инвеститорите за тргување со акции на Берзата, има негативен импакт, затоа што банкарските депозити стануваат повторно поатрактивни. Впрочем, се уште и не се оданочуваат. Исто така, треба да се има предвид дека Македонска берза имаше еден многу долг период на раст на цените, некои девет години. Од 2013 до 2021 година индексот МБИ10 во континуитет растеше и во тој период имавме раст од над 250%. Минатата година беше регистриран минус на годишно ниво од околу 8%, но секако, сегашните валуации на пазарот, односно тековните цени на акциите се одраз на овој долг тренд – што сигурно влијае на одлуките на инвеститорите, особено на оние нови кои размислуваат и разгледуваат во кој момент да влезат на пазарот. Продолжува и состојбата на малото учество на странските портфолио инвеститори во тргувањето, во комбинација со зголемување на прометот што домашните инвеститори го реализираат на странските пазари. И, секако, она што е болка на сите берзи во регионот – нема значајна нова понуда на пазарот, нема нови котации и слично. Тука како Берза работиме на неколку проекти – го основавме таканаречениот БУМ клуб – „Берзата и Успешните во Македонија“, каде што ќе работиме со неакционерски друштва за да ги анимираме да излезат на берза. Имаме и големи очекувања од најавените законски промени и формирањето на нов пазарен сегмент на Берзата, т.н. Growth market, согласно европските директиви, што ќе овозможи и кај нас поедноставно и со помали трансакциски трошоци да се издаваат акции и да се излегува на берза. Компаниите од БУМ клубот, а веќе таму имаме околу 20-на пријавени, ќе бидат природни кандидати да го искористат овој нормативен новитет на среден и долг рок.

    Пари: Да се навратиме на тоа што го споменавте околу типот на инвеститори. Каква е структурата на домашни и странски инвеститори во остварениот промет? Веќе подолго време гледаме дека има намалување на бројот на странски играчи на Берзата. Што мислите, кои се причините и како може тоа да се промени?

    Штериев: Да, трендот на намалување на странски портфолио инвеститори на Берзата е присутен и трае повеќе од една деценија, односно започна по завршувањето на оние златни времиња на сите регионални берзи во 2005-2007 година. Оваа година, во првите шест месеци вкупното нивно учество, на странските инвеститори во куповниот промет на Берзата, е повторно скромни 3,7%. Нормално и логично, кога немате странци прометот се темели на домашните инвеститори. Кај нас е особено карактеристично дека во рамките на домашните инвеститори поголемо учество имаат физичките лица и може да кажеме дека во првите шест месеци од 2023 година процентот на учество на физички лица во купувањата на Берзата е рекорден – 64%. Тоа, секако, има позитивни страни, но во некои осцилаторни периоди тој тип на инвеститори се посклони на брзи одлуки што, исто така, треба да се земе во предвид кога се анализира нашиот пазар. Зошто нема странците објаснуваме веќе подолго време. Да повториме неколку работи. Прво, треба да бидеме реални дека и нашите најголеми и најликвидни компании се мали во меѓународни рамки, вклучително и регионално. Нашиот пазар не спаѓа во класификациите на светско, ниво ниту во рамките на т.н. emerging markets, тој е т.н. frontier market и поради својата големина, едноставно, не привлекува големи меѓународни и институционални инвеститори. Нашата шанса и „нашиот прозорец кон светот“ како пазар се регионалните инвеститори и токму затоа е таа наша политика во сопственичката структура да влезе една од поголемите берзи во овој регион – Загребачката берза. Во мај ги одржавме првите Денови на македонскиот пазар на капитал за хрватски инвеститори – посетеноста и интересот беше добар, имавме средби и директно со компаниите и имаме големи очекувања дека од тука ќе повлечеме некој нов промет.

    Пари: Каква е генерално состојбата на регионалните и светските берзи? Има ли закрепнување по кризата? Какви се очекувањата?

    Штериев: Регионално, ако ги анализирате берзите во овој наш простор на Југоисточна Европа, оваа година берзите не се движат во ист правец од аспект на ценовните движења, доста е хетерогено за разлика од некои претходни години кога целиот регион имаше ист образец на пазарни движења. Може да се даде една општа оценка дека берзите од регионалните држави, кои се членки на Европската унија, годинава имаат поголем пораст на ценовните нивоа, со определен двоцифрен раст. Има берзи со некои помали плусови како кај нас, но има и берзи, како на пример двете берзи од Босна и Херцеговина, кои се и во минус. Значи, во регионални рамки е хетерогено. Глобално на берзите, 2023 година, како што веќе спомнав и за кај нас, почна со големи стравувања и песимизам на инвеститорите во однос на тоа што ќе се случува со инфлацијата, дали рестриктивните монетарни политики ќе предизвикаат рецесија итн. Потоа дојдоа и оние банкарски проблеми, со Silicon Valley Bank во Америка и Credit Suisse во Европа и ситуацијата воопшто не беше розова. Сепак, дали поради дополнителни финансиски инјекции што беа вбризгани на големите пазари како реакција на банкарските проблеми, дали поради влијанието на зголемените каматни стапки што постепено почнаа да ја смируваат инфлацијата, инвеститорите се охрабрија и берзанското тркало почна повторно да се врти во позитивна насока. Но, веројатно, пресвртен настан за глобалните пазари годинава засега се случувањата поврзани со технологијата на вештачка интелигенција. Откако се лансираше CHAT GPT на Оpen AI како продукт, тоа ги повлече сите технолошки акции во нов забрзан циклус на раст на цените. Ако се гледа главниот индекс на NASDAQ, каде доминираат технолошки акции, на полугодишно ниво неговиот пораст во 2023 година е триесеттина проценти, што е еден од најголемите порасти на полугодишно ниво откако се пресметува од почетокот на седумдесетите години. Поширокиот индекс S&P 500 е некаде полoвина од тоа, околу 16%. Од друга страна, многу е битно да се напомене дека концентрацијата на тргувањето дури и на американскиот пазар е историски невидено висока. Многу мал број компании ги повлекуваат индексите, пред се тоа се акции поврзани со вештачка интелигенција директно или индиректно, производство на полупроводници итн. Постојат големи дилеми и дебати во моментот што точно се случува на глобалните пазари – дали е ова завршеток на мечкиниот пазар што го имавме до пред некое време, дали е ова биков пазар во средина на мечкин пазар, дали можеби овој неверојатен раст на технолошките акции повторно е некој тип на меур. Ќе видиме иднината ќе покаже.

    Пари: Какви се Вашите очекувања за иднината и за нашата Берза и какво е расположението во моментов, односно во што има најголем интерес за инвестирање?

    Штериев: Познато е дека ние како Македонска берза во рамките на другите регионални берзи сме пазар со најмногу котирани банки. Во нашиот индекс МБИ10 од 10 компоненти пет се банки, а другите се во секторот фармација, дистрибуција на нафта и нафтени деривати, градежништво итн. Значи, тоа се „продуктите“ што засега ги нудиме. Концентрацијата на прометот кај нас е традиционално многу висока, но гледаме тоа сега се случува дури и на најголемиот пазар – американскиот. Ако се разгледува прометот од 10 компоненти на МБИ10 оваа година, минус блокови, тој е некаде 82% во вкупниот промет, а топ три акции, и тоа е директен одговор на вашето прашање што најмногу се тргува оваа година, се Комерцијална банка и НЛБ банка Скопје и Алкалоид – тие се 73% од прометот. Тоа е судбината на помалите берзи, концентрацијата е висока. Во контекст на актуелното расположение за инвестирање во хартии од вредност на нашиот пазар, би го искоментирал и неодамнешното издавање на граѓанската обврзница. За неа, како што е познато, имаше голем интерес, се запиша двојно повеќе од тоа што беше иницијално понудено, со каматна стапка од 5%. Тоа само покажува дека постои интерес за добри финансиски инструменти што е и теза на Македонска берза веќе подолго време. Побарувачката на нашиот пазар на хартии од вредност веќе не е проблем – кога ќе се појават интересни и атрактивни инструменти како граѓанската обврзница, се генерира побарувачка. Значи, предизвикот е на страната на понудата како што и претходно спомнавме. Што се однесува до дивидендите на котираните компании оваа година, од 90 котирани компании 26 исплатиле дивиденда. Тоа е позитивен момент, бидејќи таа бројка е многу поголема од претходниот период. Од тие 26 исплатени дивиденди само десеттина носат дивиденден принос поголем од приносот на граѓанската обврзница. Оттука, ако го имаме предвид постулатот дека акциите како поризични инструменти треба да ги наградуваат инвеститорите повеќе од приносите на обрврзниците, веројатно ќе се создаваат некои нови релации и односи на нашиот пазар од овој аспект во наредниот период.

    Пари: Нашата Берза продолжува да го зголемува својот сопственички влог во Централниот депозитар. Зошто и какви се идните планови?

    Штериев: Да, така е. Неодамна реализиравме нови трансакции за купување акции од Централниот депозитар и сега Македонска берза е некаде околу 25% сопственик во оваа институција. Тоа е веќе декларирана и јавно елаборирана наша стратегија. Сметаме дека со таа компанија имаме сродна дејност, дека ја познаваме дејноста со која се бави Депозитарот, дека можеме да креираме синергии, пред се во информатичко-техничкото работење, но и во други делови на нашиот заеднички развој. Имаме две стратешки цели зошто влегуваме во сопственост во Депозитарот. Прво, сметаме дека Депозитарот како институција има голем потенцијал за дополнителен развој и од негова страна може да се понудат нови услуги што ќе значат нови приходи за Депозитарот, а со тоа индиректно и за Берзата како негов акционер. Второ, а стратешки за нас уште поважно, во ваква сопственичка поврзаност на двете институции идните развојни проекти ќе ги правиме целосно усогласени. Ако започнеме како Берза некои нови проекти, како на пример, воведување нови инструменти на нашиот пазар како што се ETF-овите или создавање линкови за поврзување со други регионални пазари за кои е потребно воспоставување на т.н. cross border settlement, сега тоа ќе бидат заеднички усогласени приоритети на двете институции. Во овој дел имаме и еден тековен проект, поддржан од ЕБРД, каде што со странски консултанти работиме на компаниските стратегии за заеднички иден развој на двете институции.

    Пари: Оваа година котираните друштва за прв пат известуваат согласно новиот Кодекс за корпоративно управување, а во тие рамки e опфатена и областа на Одговорно инвестирање – ЕСГ. Какви се состојбите на овој план?

    Штериев: Во право сте – котираните компании за прв пат оваа година имаа обврска да известуваат согласно овој Кодекс. Квантитативно состојбите се добри – од 28 друштва на кои се однесува (од 90 вкупно котирани), 27 постапија согласно оваа обврска. За квалитативна оценка на состојбите во тек е подготовка на Извештај за усогласеност или т.н. Monitoring Report, кој го изготвуваме како Берза заедно со консултантите што ни ги обезбеди ЕБРД, а со кои го создадовме новиот Кодекс за корпоративно управување. Овој Извештај за усогласеност ќе биде јавно презентиран на нашата годишна конференција што ќе се одржи во Охрид на 27 септември. Патем, програмата на конференцијата е веќе објавена на нашата веб страница, регистрацијата на учесници е отворена и ги повикувам сите заинтересирани да бидат со нас во Охрид. Се надеваме дека ќе биде интересно, како и секогаш. Што се однесува до ЕСГ проблематиката, дел од Кодексот се однесува на рапортирање на компаниите околу прашањата во врска со заштитата на животната средина, општествената одговорност и управувањето. Може иницијално да се констатира дека најголемите и најликвидни акционерски друштва на Берзата позитивно одговорија на прашањата од овој домен. Споменатиот Извештај ќе ни даде повеќе детали и околу оваа област. Но, по се судејќи, глобалниот тренд на ЕСГ прашањата да им се обрнува поголемо влијание очигледно полека пробива и во нашето окружување и нашите компании акцептираат дека тоае поврзано со нивната долгорочна одржливост и дека и од тоа зависи ефикасноста, управувањето со трошоците, но и нивниот углед во јавноста и целокупниот бизнис. Ова, секако, уште повеќе ќе се динамизира кога како држава ќе почнеме да ги вградуваме ЕУ нормите во македонската легислатива.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично