ПОВЕЌЕ

    За даночниот експерт Лазовски – Несфатливо е што бизнисмените за данокот велат дека е казна

    Време зa читање: 6 минути

    Фискалниот товар мора да се засили, но тоа треба мајсторски да се изведе. Неправичната даночна структура е една од причините за сивата економија. Бројот на даноци мора да се зголеми, да има меѓу 25 и 35. Примената на ДДВ нема цел низ годините да се намалува предметот на оданочување, туку да се зголемува, затоа предлозите на опозицијата не се добри

     Власта не се откажува од солидарниот данок и предлогот обележан со европско знаменце, заедно со законите за ДДВ и добивка, се враќаат во парламентот. За неговата (не)ефикасност и корисност односно штетност, ставовите се противречни. Против овој данок на екстра профит, предвиден како еднократна, вонредна и времена јавна давачка, најгласна е бизнис заедницата. Зашто, давачката е насочена кон компаниите кои во услови на криза оствариле вишок профит. Нивните укажувања се дека на удар ќе се најдат 180 компании кои, согласно предлогот, лани направиле промет поголем од 10 милиони евра и оние кои оставриле 20 насто повисок промет во однос на просекот од претходните три години. Најголемиот дел од нив се странски инвеститори.

    „Каде има вакв вид данок, со вакво име? Името не е погодено. Можеле да го наречат данок на екстра профит, данок за еднакви услови на работење (со строго дефинирана намена заради  поголемата прифатливост). Начелото на солидарност не е даночно. Но, името е најмала работа, иако не е безначајно“, вели даночниот експерт во пензија Славко Лазовски, кој работниот век го мина во Министерството за финансии.

    Воедно, како добар познавач на даночната проблематика не може да ги прифати реакциите кои доаѓаат од деловната фела.

    „Несфатливо е како тоа бизнисмените велат за данокот – дека е казна. Несфталиво е како бизнисот е против парафискалните давачки. И тоа, ан блок против сите парафискални давачки. Повеќе е од јасно дека треба, поточно мора да се засили фискалниот товар. Но, тоа треба мајсторски да се изведе“, дециден е Лазовски.

    Тоа, според него, може да се изведе на следниот начин: со уредување на трансферните цени; со поголеми надоместоци за концесиите; со намалување на трошоците на оданочување; со укинување на одредени подвидови јавни давачки, некои административни такси и слично; со забрзување на даночните постапки…

    „За да биде прифатена новата јавна давачка, мора нешто да направиш, да жртвуваш. Едноставно е – власта, на пример, може да укине некоја друга јавна давачка, па дури и таа да е парафискална“, советува Лазовски.

    Притоа, додава, даночната структура е несоодветна и неправедна и тоа е една од причините за големиот обем на сивата економија.

    „Јас сум за збогатување на даночната структура. Таа е премногу тесна и е неправична. Креирана е во 1992/93, а во примена е од први јануари 1994 година. Тогаш мораше така, оти се уште ја немавме единствената УЈП, а имавме СОК/ЗПП, со несигурна и неизвесна иднина.

    Пет вида даноци на национално и пет на локално ниво е неправедно, несигургно и нефектно. А, треба да имаме 25 до 30 видови даноци. Една од причините што имаме толку голема сива економија е неправичната даночна структура. Сивата економија е голема и поради тоа што имаме државна сива економија од која се хранат партиите и целата низа главатари“, нагласува даночниот експерт.

    За предлозите од даночната сфера се огласија и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои се изјаснија дека не ја даваат својата поддршка. Зашто, со трите закони се најавува даночна реформа која е во спротивност со интересите на граѓаните и стопанството. Според нив, „ДДВ за храната не треба да има, ДДВ на струјата да биде пет проценти се додека инфлацијата не се врати во нормала, а со законот за ДДВ ќе се зголеми и цената на пелетите кои ќе се даночат со стапка од 18 наместо сегашните пет проценти“.

    „Не е добар предлогот на опозицијата за целосно и тотално ослободување од ДДВ на целокупната  лепеза прехрабрени производи. Тоа не е добро за самите производители и трговци. ДДВ е данок кој тера, притиска постојано да растеш. А, тие со предлогот ги лишувават производителите и трговците од располагање со новосоздадената вредност – профит + профит. Иако временски ограничено, сепак, не е за потценување“, тврди Лазовски.

    Исто така, смета дека производителите – извозници на храна се доведени во економски подредена состојба.

    „Како тие ќе се исчистат од легнатиот ДДВ кој го примаат со секој примен промет. Нивните конкуренти од странство ќе дојдат тука со исчистен влезен данок, можеби повеќе отколку што се платени, тоа се т.н. скриени извозни стимулации. Најчеста битка е втората дестинација. На пример, тргнува унгарско вино, првата дестинација е Будимпешта – Хоргош, втората Хоргош – Табановце и третата Табановце – Скопје. Битката е за ДДВ на трошоците на превозот Хоргош- Табановце. Унгарија ќе ги признае како одбивна ставка на првата и втората дестинација, а не може да влијае на третата дестинација. Македонија мора обратно да ги постави работите. Интересно е, само малку да ги поставиш работите и им помагаш на своите извозници. А како ќе им помогнеш, кога се лишуваш од тој инструмент“, коментира Славко Лазовски.

    Примената на Законот за додадена вредност нема цел низ годините да се намалува предметот на оданочување, туку да се зголемува, категоричен е даночниот експерт. Воедно, тврди – „ДДВ му служи на бизнисот, не на граѓаните“.

    „Ако ја ослободите храната од ДДВ, тоа значи го подигате обемот на ДДВ што треба да се врати. Таа фабричка мана на нашиот ДДВ се засилува. Со големите износи на враќање на ДДВ ќе загуби бизнис секторот. Неговите пари државата неоправадано ги држи предолго и без камата му ги враќа.

    Ние имаме големи износи за враќање токму поради преголемиот обем на ослободуавање. Опфатот на ослободувањата мора да се намалува, а не да се зголемуава. Тоа е интерес на  бизнисот. Тоа не е поволно ниту за граѓаниете на подолг рок, ама за тоа теба сосема друга  аргументација“, образложува Лазовски и додава дека германски експерти објасниле дека по правило, кога го прошируваш ослободувањето, цените на долг рок растат, токму поради налегнатиот данок. Значи, го спречуваш ДДВ да ја врши својата основна функција – добивка на претходен данок и поконкурентни учесници во прометот и поуспешни субјекти во националната економија.

    „Не ги сфативме основните карактетеристики и предности на ДДВ и лутаме, лево-десно, директно нанесувајќи шети на долг рок на бизнисот. Фискалната политика е најсерозна работа и е доминатна меѓу јавните политики, но треба многу знаење, многу анализи.

    Од друга страна, не сме свесни колку штета ни нанесе и ни нанесуваат тие фамозни три  одредници во фискалната политика: политика на ниски даноци, политика на ‘рамен данок’ и перманентна фискална реформа, што е извртено од перманентни подготовки за реформи, што се  практикува во целиот свет“, заклучува даночниот експерт во пензија, Славко Лазовски.

    Маја Анастасова

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично