Екс разузнавачот во притвор минал 344 дена, а за неоснованото лишување од слобода и нарушените углед и чест државата треба да му надомести 28 илјади евра и казнена камата
По пет илјади денари или по 81 евро за секој ден минат во притвор ќе добие поранешниот разузнавач Зоран Верушевски. За притворскиот „стаж“ од 344 дена, државата треба да му надомести со 1,72 милиони денари (речиси 28 илјади евра). Одлуката ја донесе Врховниот суд, а се однесува на случајот „Пуч“. Со ова, делумно е усвоено барањето на Верушевски, кој за надомест на нематеријална штета за неосновано лишување од слобода и нарушени углед и чест барал 2.580.000 денари.
„Се задолжува тужениот Република Северна Македонија на тужителот Зоран Верушевски, на име нематеријална штета за претрпени душевни болки поради повреда на личните права – чест, углед и слобода поради неоправдано лишување од слобода – притвор, да му исплати паричен надомест во износ од 1.720.000 денари, со законска казнена камата, се вели во пресудата.
Освен посочениот износ, државата треба да ги надомести и парничните трошоци во постапката на Верушевски, а тоа се дополнителни 227.642 денари, односно околку 3.700 евра. Исто така, врховните судии утврдиле дека е основан ревизискиот навод за погрешна примена на материјалното право од страна на пониските судови, а со оглед на утврдената фактичка состојба од првостепениот суд, прифатена е во целост и од второстепениот суд. Во образложението е наведено дека тужителот неосновано бил лишен од слобода и поради тоа е донесена ваква одлука.
„Досудениот износ на име надомест на нематеријална штета претставува сатисфакција за ублажување на душевните болки на тужителот поради повреда на личните права, чест, углед и слобода поради неоправдано лишување од слобода – притвор, истиот е справедлив и не е во спротивност на природата на правото на надоместокот, ако се има предвид значењето на повреденото добро и целта за која служи овој надомест, пишува во пресудата од Врховен суд.
Во 2015 година Зоран Верушевски беше спроведен во притвор за неовластено поседување службен пиштол, а потоа беше товарен и за велепредавство и шпионажа.
Предметот за случајот „Пуч“ беше оформен во Основниот суд Скопје 1, откако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција на први мај 2015 година достави обвинителен акт против пет лица. Зоран Верушевски беше првообвинет – за продолжено кривично дело неовластено прислушување и тонско снимање, за шпионажа и насилство спрема претставници на највисоките државни органи. Во случајот, четвртообвинет беше Зоран Заев, тогаш лидер на СДСМ.
По формирањето на Специјалното јавно обвинителство, Верушевски беше ослободен, а Катица Јанева го повлече обвинението за „Пуч“.
Додека Заев беше премиер, Верушевски беше негов советник за национална безбедност.