Доходот на регионот на Западен Балкан во однос на европскиот просек е само околу 40 проценти, што покажува дека не растеме доволно брзо за да ја намалиме разликата со земјите од ЕУ. За да растеме побрзо и на поинклузивен начин, мора да го подигнеме потенцијалот за раст, за што се потребни важни структурни реформи со кои ќе се зголемат инвестициите и физичкиот, човечкиот капитал и продуктивноста. Ова е потребно особено во време на отежнати глобални макроекономски услови и геоекономска фрагментација, нагласи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, обраќајќи се на сесијата „Поплочување на патот кон просперитетот: Екофин-стратегии за раст на Западен Балкан“, која се одржа во рамките на „Преспа форум за дијалог“.
Ниската реална конвергенција на регионот во однос на ЕУ во голема мера се должи на структурни предизвици. Според гувернерката, тоа е видливо преку значителното намалување на потенцијалот за раст на регионот по глобалната финансиска криза, кога во просек е намален од околу пет на 2,5 проценти. Намалувањето е посилно во споредба со ЕУ и покажува дека конвергенцијата во иднина може да биде уште поголем предизвик за регионот.
Во доменот на човечкиот капитал, податоците укажуваат дека се бележи намалување на работоспособното население во земјите на Западен Балкан, што пред сѐ е одраз на два неповолни фактори – демографијата и емиграцијата. Во услови кога работоспособното население во последната деценија е намалено од 70 на околу 65 проценти, кога секој петти граѓанин роден во регионот живее во странство, а повеќе од една третина од граѓаните размислуваат за иселување, неопходни се „збир на политики, како што се политики за ублажување на емиграцијата, активни политики на пазарот на труд, кои ќе се справат со структурната невработеност, како и соодветни образовни политики за зголемување на квалитетот на човечкиот капитал и решавање на проблемот со неусогласеноста на вештините на работната сила со побарувачката“, посочи Ангеловска-Бежоска.
Досегашното искуство од процесот на конвергенција на земјите од ЦЈЕ покажува дека пристапувањето кон ЕУ игра значајна улога за забрзано спроведување на структурните реформи и забрзување на економскиот раст. Оттаму, засилувањето на овој процес и поголемиот пристап до фондовите на ЕУ може да има значаен придонес во процесот на конвергенција.