ПОВЕЌЕ

    Био гасната електрана во Сарамзалино ја штити природата – органскиот отпад од фармите се трансформира во струја

    Време зa читање: 3 минути

    Годишно производство од 17 милиони киловат часови струја обезбедува преработката на органскиот отпад кој произлегува од фармите во источниот дел на Македонија, а на што е засновано работењето на био гасната електрана во селото Сарамзалино, Општина Лозово. Доволно за снабдување со електрична енергија на 3.500 семејства или 15.000 жители. Отпадот повеќе не е причина за загадување на воздухот, а ефектите од функционирањето на оваа постројка се мерат и со тоа што менува 16 тони јаглерод диоксид кој се испушта во атмосферата или заменува 700.000 шумски дрвја кои треба да го прочистат воздухот.

    Во изградбата на био гасната електрана се вложени 12 милиони евра, а стартот на работата беше означен во декември минатата година. Тоа е заедничка инвестиција на компаниите „Централ инвест“ и „Феро инвест“ во сопственост на бизнисменот Кочо Анѓушев, „Агриа“ – најголемата фарма за свињи и производител на свинско месо во земјава и охридската компанија за производство на земјоделска амбалажа „АСП-ПАК“.

    „Био гасната електрана е најголемиот чистач на органски отпад во општеството. Се што е органско и може да се распадне во био гасната електрана е гориво, а нус производ е струја, чист хумус и течност со хранливи материи за полевање на полињата. Може да апсорбира органски отпад од сите видови житарици, отпад од свињарски и краварски фарми, сурутка после правење на млеко, отпад од винарии, од градинарски култури, вклучително и комуналниот отпад доколку тој може да се селектира од општините. Ако не постојат вакви био електрани целиот тој отпад завршува на депонии или во реки“, вели Анѓушев.

    Био гасната електрана располага со најсовремена опрема, целиот процес се следи и контролира компјутерски. Има капацитет за непрекинато производство на струја, што не е случај со другите обновливи извори. „Не може да има енергетска транзиција ако имаме само фотоволтаици, или само био гасни електрани, или струја само од ветерници“, посочува Анѓушев, нагласувајќи ја важноста на разновидноста на обновливите извори на енергија.

    Хумусот што го создава био гасната електрана на долг рок ќе го намали трошењето на минерални ѓубрива. Зашто, ѓубривото е органско и ќе се користи за земјоделските површини, потенцира Спасе Спасески од „АСП-ПАК“. Исто така, ќе се намали и зависноста од увоз на минерални ѓубрива, односно се постигнува двоен ефект.

    Загадувањето како најголем проблем го мотивирало сопственикот на „Агриа“ да влезе во овој проект. Колевски смета дека со био гасната електрана ќе се реши проблемот со екологијата во источна Македонија. Освен тоа, со следната инвестициска фаза ќе се овозможи електраната да го третира отпадот и од кланиците.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично