Да се зборува за циркуларна економија значи да се зборува за ефикасноста и ефективноста на економските активности, за тоа како продуктивноста, конкурентноста и економскиот раст добиваат нови развојни патеки кои се одржливи. Вложувањето во енергетска ефикасност со производство на енергија од обновливи ресурси и забрзаното напуштање на фосилните горива е клучниот и највиталниот аспект на зелената транзиција. За активностите што ги презема државата во таа насока, говореше вицепремиерот Фатмир Битиќи во обраќањето на конференцијата „Недела на циркуларна економија на Западен Балкан“. Настанот е во организација на „Цивил“, го спроведува регионалната мрежа ЛогЕкс, по иницијатива на тинк-тенк организацијата Балкан Форум од Косово, а со поддршка од Rockefeller Brothers Fund од САД.
„Глобализацијата и економскиот модел на зголемување на потрошувачката и само црпење од природата и природните ресурси во последните декади е драстично зголемен. Следствено на ова, на планетата Земја и се потребни година и пол за да го обнови она што го користиме, односно го трошиме за една година. Како цивилизација се соочуваме со овој дисбаланс, кој се испречува и пред одржливоста на нашата економија“, рече Битиќи.
Воедно, ја истакна важноста за развивање на свеста за потребата од усвојување на циркуларниот пристап во економијата. Како што рече, економиите треба да вложуваат во креирање производи кои имаат поголема трајност и истовремено да можат да се рециклираат за целиот циклус да биде одржлив, а клучен момент во овој процес е вложувањето во енергетска ефикасност и производство на енергија од обновливи ресурси.
Национална економија која транзитира кон циркуларна не може да го заобиколи развојот на зелената инфраструктура, смета вицепремиерот.
„Ова вклучува инвестирање во одржливи транспортни системи, како што се електрични возила, јавен превоз и велосипедска инфраструктура, вклучувајќи и промовирање на енергетски ефикасни згради, зелени површини и одржливо урбанистичко планирање. Промовирањето на локално и одржливо производство на храна и поттикнувањето на здрава исхрана е од витално значење за градење на еко-пријателски систем во земјоделство, кое вклучува поддршка на практиките за органско земјоделство, односно намалување на употребата на хемиски препарати во производството на храна“, посочи Битиќи
Нагласувајќи дека преку воспоставување долгорочен и одржлив модел за раст и развој на нашата национална економија може да креираме општество кое ќе живее и ќе размислува на овој начин, тој посочи дека државата тоа го прави преку Националната развојна стратегија 2022-2042 која до крајот на годината треба да се усвои во Собранието.