Гостин во поткастот, универзитетскиот професор Владимир Петрушевски. Тема, состојбите во УКИМ и избор на нов ректор.
Од 15 до 26 мај кандидатите за нов ректор на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ), ќе ги претстават своите програми пред кампусите на Универзитетот. Кој ќе биде новиот ректор на УКИМ ќе се знае на 30 мај кога околу 1.500 асистенти, доценти и редовни професори на факултетите ќе гласат за еден од шесте кандидати кои се во трка за наследник на актуелниот ректор Никола Јанкуловски.
Дел од еминентните професори на универзитетот, во изминатиов период имаа забелешки и критикуваа како се води Универзитетот од страна на актуелното раководство во ректоратот. Универзитетскиот професор во пензија, Владимир Петрушевски, во поткастот „Каде се парите“ на pari.com.mk, посочи дека широката дефиниција за тоа што значи интегриран универзитет остави простор факултетите да изгубат дел од својата независност и моќтта за одлучување да биде во рацете на мал број луѓе.
Ако на ова се додаде, според Петрушевски немањето контрола врз работењето на ректоратот, тогаш УКИМ може само да тоне. Во поткастот се отвори темата зошто нема ревизорски контроли на работењето на ректоратот. Ревизиите на работењето се начин на контрола како на финансиското, така и законитото работење на институцијата.
Владимир Петрушевски, универзитетски професор
„Ние имавме внатрешен ревизор на УКИМ, висок професионалец. Ректорот заклучи дека таа не работи добро и побара да биде разрешена. Односно ја разреши бидејќи го има тоа право како работодавач. Се разбира, жената спрема жалба. Посоветувана е да ја поднесе жалбата на Сенатот, ама потоа е објаснето дека Сенатот не е надлежен по жалбата. И така на шега, на смеа еден човек е отстранет од Универзитетот, човек кој што јас го познавав како врвен професионалец во својата струка. Е затоа нема ревизорски извештаи, затоа што ние веќе немаме ревизор. Ние веќе немаме внатрешен ревизор кој треба да го чува и штити Универзитетот од застранувања“
Исто така, ако се погледне веб страната на Државниот завод за ревизија, ќе се види дека од 2002 година па до денеска извршени се ревизии на работењето на факултетите, но нема податок за ниту една ревизија на ректорската управа, односно на работењето на Ректоратот на УКИМ.
За професорот Петрушевски лошата состојба во универзитетот нема директно да се одрази врз студентите. Но, на подолг рок, поради незадоволството на професорите, кои повеќето одбрале да молчат и да ја трпат авторитарната средина која е наметната на УКИМ, состојбата индиректно ќе влијае и на студентите.
Владимир Петрушевски, универзитетски професор
„Тие тоа нема да го почувствуваат. Матурантите ќе станат бруцоши и ќе студираат на своите факултети и нема да ги почувствуваат овие проблеми, можеби никојпат во животот. Ама овие проблеми, посредно ќе се одразат и на нивната судбина.
Како?
Ако имате имате задоволни наставници вие ќе имате и мотивирани студенти. Мотивацијата е симетрична релација. Мотивиран наставник ќе произведе мотивирани студенти и на крај веројатно голем број добри студенти. Наставникот не може да биде мотивиран ако живее во автократска средина, каде што наредбите се пренесуваат по вертикала и треба само да се спроведуваат“
Професорот во пензија Владимир Петрушевски, кој е еминентен научник во областа на хемијата и бил и проректор на УКИМ, за процесот на избор на нов ректор смета дека некои од кандидатите имаат подобри стартни основи и можат да ја употребат својата сегашна позиција за полесно да искомуницираат со гласачите.
Владимир Петрушевски, универзитетски професор
„Имаме шест кандидати во кои што имаме две актуелни проректорки, за финансии едната, за настава другата. Имаме два активни декани и имаме два поранешни декани. Тие не тргнуваат баш од иста стартна линија. Најнапред во старт се актуелните проректорки, бидејќи функцијата им овозможува работи кои што други не можат да си ги приуштат, велат браќата Срби. Актуелните декани, не гледам тука некој страшен проблем заради тоа што тие се познати и популарни во своите куќи, на своите факултети, но, на другите тие се исто толку непознати колку и последните два кандидати, поранешните декани. Меѓутоа актуелен проректор на пример може да отиде на факултет и да побара да учествува во работата на седница на научно – наставен совет со желба да ја презентира својата програма“.
Во поткастот „Каде се парите“ го прашавме професорот Петрушевски кои квалитети треба да ги има идниот ректор на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Наброја дека треба да е добар менаџер, добар познавач на својата струка, односно квалитетен професор и добар во научно истражувачката работа.
Владимир Петрушевски, универзитетски професор
„Има еден неопходен услов. Мора да се работи за личност која што е крајно чесна. Да нема дамка на кариерата. Да нема коруптивни афери. Да нема коруптивни, што би рекле правниците, дејанија“.
Втората епизода на поткастот „Каде се парите“ на pari.com.mk каде гостува професорот Владимир Петрушевски може да ја погледнете на нашиот Јутјуб канал https://www.youtube.com/@parimedium .
Заследете ги и нашите канали:
- YouTube профил – https://www.youtube.com/@parimedium
- Инстаграм профил – https://www.instagram.com/pari.com.mk/
- Фејсбук профил – https://www.facebook.com/pari.com.mk