ПОВЕЌЕ

    Народната банка ја затега монетарната политика со зголемување на каматни стапки

    Време зa читање: 5 минути

    Народната банка продолжува со затегнување на монетарната политика, односно каматната стапка на благајничките записи се зголемува за 0,25 процентни поени и достигнува 5,75 проценти. Одлуката е донесена на седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика, кога е одлучено за исто толку да се коригираат и каматните стапки на расположливите депозити. Конкретно, стапките на депозитите преку ноќ и на седум дена ќе изнесуваат 3,65 и 3,70 проценти, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари.

    Како што информираат од Народната банка, со ова продолжува циклусот на затегнување на монетарната политика, започнат на крајот од 2021 година, прво со активно управување со ликвидноста преку интервенциите на девизниот пазар, а потоа од април лани и со зголемување на  каматната стапка на благајничките записи, како и на каматните стапки на другите монетарни инструменти. „Ваквата монетарна поставеност е поддржана и зајакната и со неколкуте промени кај инструментот задолжителна резерва, насочени кон раст на штедењето во денари, како и со системски и макропрудентни мерки, како што е воведувањето противцикличен заштитен слој на капиталот и прагови за следење на квалитетот на кредитната побарувачка, со што дополнително се јакне отпорноста на банкарскиот систем“, се посочува во соопштението.

    Исто така се вели дека најновите податоци важни за оценување на амбиентот за спроведување на монетарната политика главно се движат во рамките на очекувањата, но ризиците и натаму опстојуваат. Затоа е неопходна натамошна претпазливост при водењето на политиките, заради стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања на потрајна основа.

    „Во согласност со очекувањата, и во април 2023 годишната стапка на инфлација бележи забавување, коешто започна од ноември минатата година, но таа и натаму, како и во глобални рамки е над историскиот просек. Исто така, базичната инфлација и натаму е на повисоко ниво, што упатува дека преносните ефекти од цените на енергијата и храната врз оваа компонента сѐ уште не се целосно исцрпени. Очекувањата за идната динамика на увозните цени и натаму се движат по надолна патека, но се проследени со неизвесност поврзана со развојот на војната во Украина. На девизниот пазар движењата се стабилни, при зголемена склоност за штедење во домашна валута, но и натаму постои неизвесност. Гледано од аспект на странската каматна стапка, како битен надворешен фактор за спроведувањето на домашната монетарна политика, на состанокот во мај, ЕЦБ повторно донесе одлука за зголемување на основните каматни стапки, но поумерено – со покачување на основната камата за 0,25 процентни поени, во согласност со изгледите за одржување на инфлацијата на повисоко ниво од очекуваното, со посебен акцент на притисоците врз базичната инфлација“, наведуваат од Народната банка.

    За состојбата, пак, кај цените на домашниот пазар, се вели дека се согласно очекувањата, при што и натаму има тренд на забавување на растот кој во април се сведе на 13 од 14,7 проценти во март. „Најновите очекувања за движењата кај увозните цени упатуваат на надолно придвижување на берзанските цени на нафтата и храната, што поволно би влијаело и врз домашните цени, но и понатаму е нагласена неизвесностa во следниот период, условена од ефектите од војната во Украина“.

    Нивото на девизните резерви на крајот од април е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, движењата и натаму се поволни, односно трговскиот дефицит во првиот годинешен квартал е значително понизок од очекувањата според октомврискиот циклус проекции. Поволни се и остварувањата на менувачкиот пазар, кои заклучно со април се малку подобри од проектираните нето-приливи од приватните трансфери.

    Од НБРСМ посочуваат дека во последното тримесечје од 2022 реалниот раст на БДП очекувано забави, со што во просек, за целата таа година, економијата бележи реален раст од 2,1 насто, што е многу блиску до очекувањата од октомвриската проекција. Податоци за првиот квартал од годинава упатуваат на минимален годишен раст кај индустриското производство, мал реален годишен раст на прометот во вкупната трговија, како и солидни стапки на раст кај градежништвото и угостителството. Овие движења посочуваат на веројатно умерено забрзување на растот во првото тримесечје.

    Според првичните податоци за април растот на кредитната активност на годишна основа и натаму забавува, посилно од очекувањата од октомвриската проекција. Но, забрзува растот кај депозитите и тој е над очекувањата за вториот квартал.

    „Општо земено, инфлациските остварувања, во комбинација со неизвесното и променливо надворешно окружување и ризиците кои сѐ уште постојат, налагаат натамошна претпазливост од носителите на макроекономски политики и соодветна реакција со цел да се закотват инфлациските очекувања и да се стабилизира инфлацијата на потрајна основа“, потенцираат од . Народната банка која внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците, при што е подготвена да ги употреби потребните инструменти и да презема мерки за задржување на стабилноста на девизниот курс, за стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовната стабилност на среден рок.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично