ПОВЕЌЕ

    ГРАДЕЖЕН БУМ НАСПРОТИ ПРОБЛЕМИТЕ: Во јануари издадени дури 390 одобренија за градби, ќе се градат објекти вредни 125,1 милион евра

    Време зa читање: 3 минути

    Во јануари се издадени 390 одобренија за градење, што е за 50,6 проценти повеќе во однос на истиот месец од претходната година, покажуваат најновите податоци од Државниот завод за статистика. Според одобренијата, предвидената вредност на објектите изнесува 7.706.874.000 денари, односно 125,1 милион евра. Во однос на споредбениот период, зголемувањето е за 33,6 насто.

    Статистиката вели дека од вкупниот број издадени одобренија, 169 или 43,3 проценти се наменети за објекти од високоградба, 131 (33,6%) за нискоградба и 90 (23,1 отсто) за објекти за реконструкција.

    Од вкупно 390 објекти, кај 46,7 отсто, односно 182 како инвеститори се јавуваат физички лица, а на поголемиот дел од 53,3 проценти, или 208 објекти, инвеститори се деловни субјекти.

    Во тие рамки е предвидена изградба на 677 станови, со вкупна корисна површина од 57.990 метри квадратни.

    Кога се работи за станбениот простор, податоците од пописот 2021 укажаа на тоа дека повеќе од една третина од вкупно попишаните 839.174 стана се празни. Конкретно, се користат за живеење 531.987, а 36,6 отсто или 307.187 станови се празни. Меѓу скопските општини најмногу празни станови има Центар – 10.865 или над 40 проценти од вкупниот број, а најмалку Чаир, со 22,5 проценти од вкупно 17.771 стан.

    ФАЛИ ДРЖАВНА ПОДДРШКА ЗА ГРАДЕЖНИШТВОТО

    Всушност, градежништвото се соочува со низа проблеми, кои се провлекуваат последниве години.

    Пред се, бројот на градежните работници за само една година е намален за 12 илјади. А, во последните пет години нивната бројка е падната под 50 илјади. Работата им е физички напорна и многу одговорна, но е недоволно платена. Пресметките на СГИП, пак, говорат дека просечната плата на општ градежен работник е 24.000 денари.

    Од градежната фела се жалат дека изостануваат мерки за поддршка на градежниот сектор, што негативно се одразува врз работењето на компаниите, а со самото тоа и врз вработените, кои се повеќе се иселуваат од државата, наоѓајќи егзистенција во странство. Затоа овој сектор прави извонредни напори за одржување на ликвидноста.

    Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) и Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали при Стопанската комора пред неколку дена го кренаа гласот, предизвикани од договорот што властите го постигнаа со конзорциумот „Бехтел и Енка“, за изградба на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д, Предупредија дека се даваат 1,3 милијарди евра само за изградба, без направен проект и експропријација. Притоа, македонските компании и работници ќе добијат само 80 милиони евра, а речиси две милијарди евра ќе се одлеат кај странците. Состојбата во градежништвото е алармантна, пред се поради тоа што големите инфраструктурни проекти ги добиваат странски компании, одливот на градежни работници е сериозен, па домашните градежници имаат нерешливи проблеми.

    За да дојде до евентуално подобрување на состојбите, се бара правна сигурност, непречено работење на реалниот сектор, реализација на инвестициските проекти, но и нов закон за градење. Воедно, од секторот континуирано посочуваат дека оваа стопанска гранка има сериозен потенцијал и може да биде движечка за растот на домашната економија. Но, за тоа мора да добијат поддршка од државатА.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично