ПОВЕЌЕ

    ЕДЕН МИНИМАЛЕЦ САМО ЗА ХРАНА, ДВА И ПОЛ ЗА МЕСЕЧНИОТ „ПАКЕТ“ животни потреби

    Време зa читање: 4 минути

    Вработените кои се на минималец од сега ќе располагаат со износ од 20.175 денари, наместо досегашните 18 илјадарки. Зголемувањето е од 12,55 насто, а е овозможено со минатогодишните мартовски измени на Законот за минимална плата, кога се воспостави нова методологија за утврдување на најниските примања. Според власта, се работи за системско решение со кое се обезбедува постојан раст на минималната плата. Конкретно, секој март износот се усогласува според податоците на статистиката, и тоа по 50 проценти од порастот на трошоците за живот и од зголемувањето на просечната плата од изминатата година.

    Веста за растот од 2.175 денари прв ја објави вицепремиерот Фатмир Битиќи на својот ФБ профил, кој е член на Економско-социјалниот совет. „Тоа е резултат на грижата на Владата за сите категории граѓани. Да обезбедиме континуирано одржлив животен стандард и поддршка на куповната моќ на нашите граѓани. Ова е единствениот исправен пат и начин за обезбедување социјална правда и правичност“, напиша Битиќи.

    Сепак, од другата страна на вагата е тасот на кој натежнуваат секојдневните потреби. Во февруари на четиричлено семејство му биле потребни минимум 50.909 денари, покажаа анализите што месечно ги прави Синдикатот. Во потрошувачката кошничка најголеми се зафаќањата за храна и пијалаци – 19.379, по што следат сите други трошоци: 13.306 денари за комуналии, за превоз најмалку 3.679, за хигиена – 3.154 денари… Споредено со јануари, кошницата е поскапа за 110 денари.

    Значи, еден минималец ги покрива само потребите за прехрана. За целосниот „пакет“ месечни неопходности, пак, четиричлено семејство мора да има во домашниот буџет барем две и пол минимални плати. Сепак, останува да се види дали владините мерки со замрзнување на цените на одредени основни прехранбени продукти ќе им го олеснат финансискиот товар на граѓаните, особено на оние со најниско загарантираните приходи.

    За потсетување, еве како со текот на времето растела вредноста на синдикалната минимална кошница:

    2012 – јануари 30.915, декември 32.015;

    2013 – јануари 32.075, декември 32.216;

    2014 – јануари 32.162, декември 32.238;

    2015 – јануари 32.135, декември 32.233;

    2016 – јануари 32.258, декември 32.102;

    2017 – јануари 32.199, декември 32.475;

    2018 – јануари 32.354, декември 32.671;

    2019 – јануари 32.761, декември 32.732;

    2020 – јануари 32.791, декември 33.697;

    2021 – јануари 33.650, декември 35.042;

    2022 – јануари 35.811, декември 51.235

    Забележливо е дека само лани поскапела за 1,4 пати. Или, речиси исто колку и десетгодишниот раст за 1,6 пати.

    Што се однесува до минималната плата, иако во една деценија зголемувањето е за два и пол пати, релано е дека движењата тука не само што се позабавени, туку и стартните позиции се на многу пониско ниво од она на цените, кои секогаш се во предност:

    2012 – нето 8.050, бруто 12.265;

    2013 – нето 8.050, бруто 12.268;

    2014 – нето 8.800, бруто 13.140;

    2015 – нето 9.590, бруто 14.114;

    2016 до август 2017 – нето 10.080, бруто 14.739;

    2017 септември до 2018 јуни – нето 12.000, бруто 17.130;

    2018 јули до 2019 март – нето 12.165, бруто 17.370;

    2019 април до ноември – нето 12.507, бруто 17.943;

    2019 декември – нето 14.500, бруто 20.997;

    2020 јануари до март – нето 14.500, бруто 21.107;

    2020 април до јуни – нето 14.500, бруто 21.107;

    2020 јули до 2021 март – нето 14.934, бруто 21.776;

    2021 април до 2022 март – нето 15.194, бруто 22.146;

    2022 март – 2023 февруари – нето 18.000, бруто 26.422

    За владејачката СДСМ ова е успех: „… Речиси една и пол година пред предвидениот рок ќе го оствариме ветувањето за минимална плата од 20.000 денари, дадено пред граѓаните на парламентарните избори во 2020 година. Растот на минималната плата ќе придонесе за зголемување на сите плати во државата, а со тоа и на просечната плата која сега изнесува над 34.000 денари“, се наведува во партиското соопштение.

    Гледано пошироко, на овие простори нештата се пристојни, доколку се набљудуваат со розови очила. На Косово минималната плата е 264 евра, односно утврдениот најнизок надомест за работен час е 1,5 евра. Во Албанија е 284 евра, во Босна и Херцеговина – 305, Србија – 340 евра со минимална цена на трудот за работен час од 1,96 евра, Бугарија – 390, во Црна Гора од 450 евра, каде што на овој план лани беше направен драстичен скок од 80 проценти.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично