Долга е листата на поскапени прехранбени намирници, разни производи и услуги. Житарки, зеленчук, овошје, чаеви, пијалаци, медицински производи… И инфлацијата повторно е двоцифрена – 16,7 проценти. Нагорните поместувања за граѓаните се секојдневие и постојана борба, иако потврда за тоа дава и статистиката.
Февруарскиот индекс на трошоците на животот е зголемен за 16,7, а оној што ги покажува движењата на малопродажните цени – за 12,4 проценти. Тога го забележал Државниот завод за статистика, споредувајќи ги минатомесечните показатели со регистрираните во текот на вториот месец од минатата година.
Што се однесува само до храната и безалкохолните пијалаци, артиклите за една година поскапеле за цели 25,3 насто.
Статистиката вели дека во однос на претходниот месец раст на цените има кај пивото за 5,8 насто, свежиот и разладен зеленчук (освен компирите и другите коренести плодови) за 4,9, кај кафето, чајот, какаото – за 2,3, жестоките пијалаци за 1,4, прехранбените производи неспоменати на друго место за 1,3, лебот и житата за 1,2, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за еден, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи, виното за 0,9 и месото за 0,7 проценти.
Освен тоа, зголемување на индексите на трошоците на животот е забележан и кај средното образование – за 14,8 насто, ветеринарните и другите услуги за домашните миленици за 13,1, медиумите за снимање за 3,7 и другите медицински производи – за 3,3 проценти. Раст има и во многу други статистички ставки: чистење, поправка и изнајмување облека, велосипеди, медицински услуги, фризерски салони и центри за разубавување, производи за домаќинството, горива и мазива за сопствените превозни средства, собирање отпадни води, поправки на мебел и покуќнина, печатени материјали, апарати и производи за лична хигиена, материјали и услуги за одржување и поправки на живеалиштето, снабдување со вода, канцелариски материјал, информатичка опрема за обработка на податоци, мали електрични апарати за домаќинствата… и уште многу други крупни и ситни нешта потребни за нормално функционирање на човекот, семејствата, фирмите.
Има и извесни намалувања. Во споредба со јануари, индексите на трошоците на животот се пониски кај маслото и маснотиите за 1,1 отсто, свежото и разладеното овошје за 0,8, млекото за 0,4, рибата и морските плодови за 0,2 проценти. Пад има и кај воздухопловниот патнички транспорт за 5,9, цврстите горива за домаќинствата за 3,9, услугите за сместување за три, течните горива за домаќинствата за 2,7, моторните возила за 1,1, резервните делови и приборот за сопствените превозни средства за 0,8 проценти, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 0,6 отсто.
И пресметките на синдикалците говорат за крпениот живот. За февруари се уште не се докрај подготвени податоците, но се смета дека потрошувачката кошница тежи над 830 евра, износ кој беше актуелен за декември лани. Од кои повеќе од 300 евра се неопходни за храна и пијалаци.
За потсетување:
– во февруари 2020 на четиричлено семејство му биле потребни 32.915 денари за задоволување на основните потреби, од кои за храна и пијалаци – 13.765 денари;
– во феврари 2021 – 33.702, за храна и пијалаци – 14.078 денари;
– во февруари 2022 – 36.146, за исхрана и пијалаци – 15.440 денари.
Како мерка за олеснување на животот граѓаните добија владина помош во вид на бел и полубел леб со единствена цена од 33 денари, погодност која ќе ја имаат до крајот на мај. За неколку дена, според најавите, под мраз треба да отидат цените на тестинините, и тоа намалени за некои десетина проценти, а на ред ќе дојдат и млечните производи и маслото за јадење.
Навистина, просечната плата е над 34 илјади денари, а од месецов минималните месечни примања од 18 илјади се зголемуваат на 20.175 денари, што секако е добредојдено за голем број лица. Сепак, повеќе не е прашање, туку веќе е апсолвирано дека тие пари не се доволна за сврзување на првиот и последниот ден од месецот и за покривање на сите потреби.