Македонската Влада за следната година планира да потроши 12,6 % повеќе пари од годинава. Очекувањата се дека приходите ќе се зголемат за 14,8 отсто. Буџетот за 2023 година е предвиден да биде 5,3 милијарди евра, додека капиталните инвестиции се испланирани да бидат 800 милиони евра.
„Предвидениот буџет за 2023 година е пред сè инфлаторен и Владата веројатно нема намера воопшто да помогне во справувањето со инфлацијата, во координација со централната банка“, вели во разговор за Блумберг Адрија ТВ Трајко Славески, професор по економија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Предлог-буџетот предвидува фантастичен раст на приходите од 15 отсто,ние не сме имале ваков раст со години наназад, но растот на номиналниот БДП изнесува 10 отсто, нагласува професорот. „Ова значи дека Владата и натаму планира инфлаторно финансирање, односно користење на оној инфлациски данок со кој ја намалува куповната моќ на парите и истовремено ја намалува и реалната вредност на долгот што треба да го отплаќа“, вели Славески.
Втор момент, според него, е што буџетскиот дефицит, кој е проектиран на 700 милиони евра, е превисок. „Доколку се оствари, скептичен сум дека ќе може да се обезбеди финансирање. Првите знаци за недоверба во платежната способност на буџетот веќе ги имаме последниве месеци, тука мислам на намалувањето на интересот за запишување на државни хартии од вредност, а истото тоа се случува и со благајничките записи, затоа што ликвидноста во економијата опаѓа“, посочува професорот.
„И трето, ако знаеме дека водечките европски економии ги имаат веќе првите знаци на рецесија и дека тоа ќе се одрази и на нашата економија, ова значи и дека и нашиот раст ќе биде значително помал од она што се проектира“, вели професор Славески, кој е со став дека оваа амбициозна буџетска рамка, поради оваа реалност, ќе мора во скоро време да се корегира, со што ќе се приспособиме и ќе се подготвиме за едно меко спуштање во наредниов период, за да не дојде до нагли кратења во сите сфери – социјална заштита, образование, здравство.
Под знак прашалник е и најавата за капитални инвестиции, за што професор Слевески проценува дека капацитетите за реализација на ваквите зафати и кај домашните институции и кај домашните компании е мошне ограничен, што го покажува и досегашниот степен на реализација на капиталните инвестиции.
Линк до [видео]