ПОВЕЌЕ

    ВОЈНАТА И ЖИТОТО: Русија се повлече од договорот, но бродовите со храна и натаму пловат

    Време зa читање: 5 минути

    Уште три брода ги напуштија украинските пристаништа во вторникот, соопшти центарот предводен од ОН, кој го координира договорот за извоз на жито од Црното Море, и покрај одлуката на Русија да ја прекине својата поддршка на шемата. Центарот соопшти дека движењето на бродовите било договорено од Украина, Турција и ОН, додека Русија „е информирана“.

    Во понеделникот 12 бродови со 354.500 тони храна испловија од Украина.

    Русија ја прекина поддршката за договорот во саботата, обвинувајќи ја Украина дека користи безбедносен коридор за да ја нападне нејзината флота. ОН велат дека таа ноќ немало бродови внатре во коридорот.

    Украина не ја презеде одговорноста за нападот на Крим – јужниот украински полуостров анектиран од Русија во 2014 година. Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија дека „го уценува светот со глад“ – тврдење кое Русија го негира. Во телефонскиот разговор со неговиот турски колега, рускиот претседател Владимир Путин рекол дека ќе размисли за продолжување на договорот за жито само откако ќе заврши истрагата за нападот на Крим.

    Украина е еден од најголемите светски производители на жито, па што значи ова за светот?

    ШТО СЕ СЛУЧИ СО ДОГОВОРОТ ЗА ЖИТО?

    Во договорот постигнат со посредство на Турција, Русија и Украина се договорија за договор според кој Украина го извезува своето жито преку Црното Море. Договорот им дозволуваше на бродовите да патуваат без да бидат нападнати на одредени рути од Украина до Босфорот.

    За време на викендот, Русија соопшти дека ќе го прекине учеството затоа што Украина и Велика Британија, наводно, ја нападнале руската флота на Црното Море со беспилотни летала. Москва соопшти дека во нападите биле погодени цивилни бродови во коридорите за жито, како и брод што минувал.

    И Украина и Велика Британија ги отфрлија обвинувањата и велат дека Русија го организирала нападот. И покрај тоа што Москва се повлече од договорот, бродовите со жито ќе продолжат да ги користат коридорите. Дали Русија ќе ги пушти да поминат, се уште не е јасно.

    УЛОГАТА НА УКРАИНА ВО СВЕТСКАТА БЕЗБЕДНОСТ НА ХРАНА

    Украина е еден од најголемите светски производители на жито. Во земјава главно се одгледува и извезува пченица, пченка и јачмен. Според Европската Комисија, Украина учествува со 10% од светскиот пазар на пченица, 15% од пазарот на пченка и 13% од пазарот на јачмен. Со повеќе од 50% од светската трговија, таа е и главниот играч на пазарот на сончогледово масло.

    Рангирани на прво и второ место соодветно, пченката и пченицата се исто така најраспространетите житни култури во светот. Еден голем извозник како Украина што се откажа може да има сериозни последици за глобалната безбедност на храната.

    Според статистичките податоци на американското Министерство за земјоделство, Украина беше седми по големина светски производител на пченица во 2021/22 година со 33 милиони тони. Само Австралија, Соединетите Американски Држави, Русија, Индија и Кина произвеле повеќе – со тоа што ЕУ всушност е рангирана на првото место ако се пресметаат земјите-членки на Унијата заедно.

    Украина е на шестото место на пазарот на пченка. Од средината на 2021 година до средината на 2022 година, само Аргентина, ЕУ, Бразил, Кина и особено САД одгледувале повеќе пченка. Најмногу јачмен се одгледува во ЕУ, а потоа следат Австралија, Русија и Украина.

    КОИ СЕ ГЛАВНИТЕ УВОЗНИЦИ НА ЖИТОТО?

    Најголеми увозници на пченица во 2020 година, според Опсерваторијата за економска сложеност (ОЕЦ) биле Египет (5,2 милијарди долари), Кина (3,47 милијарди долари), Турција (2,44 милијарди долари), Нигерија (2,15 милијарди долари) и Индонезија (2,08 милијарди долари). Египет бил и најголемиот купувач на пченица конкретно од Украина, покажува статистиката.

    Кога станува збор за пченката, најновите достапни податоци на ОЕК беа од 2018 година, со врвни увозници Мексико (3,14 милијарди долари), Јапонија (2,94 милијарди долари), Јужна Кореја (1,92 милијарди долари), Виетнам (1,85 милијарди долари) и Шпанија (1,72 милијарди долари) .Главните купувачи на пченка од Украина ги вклучуваа и Холандија, Шпанија и Кина.

    Водечките земји увозници на јачмен во 2020 година ги вклучија Кина (1,77 милијарди долари), Саудиска Арабија (1,38 милијарди долари), Холандија (512 милиони долари), Белгија (369 милиони долари) и Германија (307 милиони долари). Кина беше најголемиот купувач на украинскиот јачмен.

    ВОЈНАТА ВО УКРАИНА И КРИЗАТА ЗА ХРАНА

    Испораките на жито првично беа прекинати како резултат на руската блокада на украинските пристаништа, што ги поттикна стравувањата од недостиг во светот и зголемување на цените. До средината на мај, извозните цени на пченицата и пченката вртоглаво се искачија на невидени височини. Тоа имаше далекусежни последици, особено во Африка, Блискиот Исток и Азија, според ООН, – земји каде пандемијата на коронавирус и нејзините последици веќе ја влошија ситуацијата со храната.

    Во меѓувреме, притисокот врз пазарот на жито е нешто намален. Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО) проценува дека, и покрај војната во Украина, глобалната жетва на жито во 2022 година најверојатно ќе биде само маргинално помала отколку во 2021 година. Останува да се види дали суспензијата на договорот за извоз на жито од Русија ќе влијае на глобалниот пазар .

    Како дел од договорот постигнат во Турција, конечно може да се извезат 20-25 милиони тони жито што моментално се блокирани во Украина. Беше олеснет и извозот на руско жито и ѓубриво – ограничен како резултат на санкциите против Русија.

    Договорот предвидуваше и безбедни коридори во Црното Море меѓу Украина и Босфорот; бродовите во областа и вклучените пристаништа нема да бидат нападнати. Контролен центар во Истанбул, предводен од Обединетите нации и со претставници од Русија, Украина и Турција требаше да го надгледува извозот на жито.

    Договорот меѓу Украина и Русија беше важен за глобалната безбедност на храната. Житото останува итно потребно на светскиот пазар, особено во Азија и Африка. Во пресрет на руската агресивна војна во Украина, Обединетите нации предупредија на најголемата криза со храна во последните децении.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично