ПОВЕЌЕ

    ЕУ поделена околу барањата за заострување на санкции за руската нафта

    Време зa читање: 4 минути

    Министрите за надворешни работи на Европската унија во понеделникот не се согласија околу тоа дали и како да воведат санкции за профитабилниот енергетски сектор на Русија поради нејзината инвазија на Украина, при што Германија рече дека блокот е премногу зависен од руската нафта за да одлучи за ембарго. ЕУ и сојузниците веќе воведоа драстични мерки против Русија, вклучително и замрзнување на имотот на нејзината централна банка.

    Руската опсада и бомбардирањето на пристаништето Мариупол, кое шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел го нарече „масовно воено злосторство“, го зголемува притисокот за акција. Но, таргетирањето на рускиот извоз на енергија, како што направија Соединетите Американски Држави и Велика Британија, ја подели 27-члената ЕУ, која се потпира на Русија за 40% од својот гас. Некои од оние кои сакаат ЕУ да оди понатаму со санкциите, покажаа нетрпеливост за темпото на разговори по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

    „Зошто Европа треба да му даде на Путин повеќе време да заработи повеќе пари од нафта и гас? Повеќе време да ги користи европските пристаништа? Повеќе време да ги користи несанкционираните руски банки во Европа? Време е да се повлече“, напиша на Твитер министерот за надворешни работи на Литванија Габриелиус Ландсбергис.

    Но, Борел на прес-конференција рече дека иако блокот „ќе продолжи да ја изолира Русија“, конкретните одлуки ќе бидат донесени подоцна. Еден дипломат на ЕУ рече дека некои се надеваат дека до јуни ЕУ ќе најде доволно алтернативни извори на енергија за сериозно да размисли за ембарго за нафта. Сепак, не е договорен датум, а другите земји на ЕУ може да имаат различни цели на ум.

    Германија и Холандија рекоа дека ЕУ е зависна од руската нафта и гас и не може да се прекине во моментов. “Прашањето за ембаргото за нафта не е прашање дали го сакаме или не го сакаме, туку прашање за тоа колку зависиме од нафтата“, изјави пред новинарите германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок. „Германија увезува многу руска нафта, но има и други земји-членки кои не можат да го запрат увозот на нафта од еден ден до друг“, рече таа, додавајќи дека блокот наместо тоа треба да работи на намалување на зависноста од Москва за нејзините енергетски потреби.

    Другите потенцијални санкции за кои се разговара, велат дипломатите, вклучуваат затворање на дупките за доверливите (trust) фондови што ги користат олигарсите, додавање нови имиња на списокот со санкции, запирање на руските бродови да се закотвуваат во пристаништата на ЕУ и намалување на пристапот на повеќе банки до глобалниот систем за пораки SWIFT.Сето ова повторно ќе се дискутира во четврток, кога американскиот претседател Џо Бајден ќе биде во Брисел на разговори со 30-те членки на НАТО на трансатлантската алијанса, ЕУ и членки на Групата седум (Г7), вклучително и Јапонија, со цел да се заостри одговорот на Западот кон Москва.

    Дипломатите велат дека руски напад со хемиско оружје во Украина или тешкото бомбардирање на главниот град Киев би можел да биде поттик за ЕУ ​​да продолжи со енергетско ембарго. Но, тие предупредија дека енергетиката е еден од најкомплексните сектори за санкционирање бидејќи секоја земја од ЕУ има свои црвени линии.

    Тие рекоа дека додека Балтикот сака ембарго на нафта, Германија и Италија, кои зависат од рускиот гас, се повлекуваат поради веќе високите цени на енергијата. Санкциите за јагленот се црвена линија за некои, вклучително и Германија, Полска и Данска, додека за други, како што е Холандија, нафтата е недопирлива. Самата Москва предупреди дека таквите санкции би можеле да ја поттикнат да го затвори гасоводот кон Европа – уште една потенцијална пречка.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично