ПОВЕЌЕ

    Приходите на Макстил лани пораснале за дури 80,4 проценти

    Време зa читање: 4 минути

    Позитивниот тренд на опоравување на глобалната челична индустрија, зголемувањето на глобалната побарувачка на челик, а со тоа и зголемувањето на производниот аутпут во текот на минатата година го неутрализира намалувањето предизвикано од пандемијата во текот на почетниот период. Исклучително високиот готовински тек генериран во 2021 на многу производители на челик им овозможи отплата на долговите и понатамошно продолжување со консолидацијата, подобрување на деловните операции преку нови инвестиции, кои ќе им обезбедат понатамошен стратешки раст, подобрувајќи ја нивната позиција за евентуални идни циклични движења, карактеристични за овој тип на индустрија. Сепак, предизвиците остануваат, воглавно поради нарушувањето на глобалниот ланец на набавка поради недостатокот на одредени суровини, острите ценовни скокови на енергенсите, растечките цени на транспортот, како и неизвесноста предизвикана со тековната воена криза во Украина.

    Макстил не остана надвор од овие текови и како компанија благодарение на добрата координација на деловните активности успеа во целост да одговори на зголемената побарувачка и одлично да ја ползува својата позиција на пазарите во регионот, Турција и Европска Унија.

    Макстил АД – Скопје за периодот јануари – декември 2021 година оствари позитивни финансиски резултати искажани во неревидираните поединечни финансиски извештаи.

    Оствареното производство на дебели лимови во 2021 во производниот погон Валавница изнесува 273.983т. што споредено со 236.522т. во истиот период на 2020 претставува зголемување од околу 16%, додека во однос на поставениот производен план за 2021 (271.292т.) претставува зголемување од 0,9%. Оствареното производство на сопствен челичен полуфабрикат, челичански слабови во извештајниот период е 314.508т. што споредено со 179.833т. во 2020 претставува зголемување од 74,9%, додека во однос на планираното производсво за годината (303.300т.) претставува зголемување од 3,7%.

    Реализацијата  на топловаланите дебели лимови во количински показатели изнесува 278.193т., што споредено со 241.293т. истиот период од минатата година претставува зголемување од 15,3%.

    Во извештајниот период се остварени приходи од работење во износ од 7,28 милијарди денари, од кои приходите од продажби како носечка ставка во структурата на вкупните приходи учествуваат со дури 97,1%. Споредено со истиот период од 2020 остварените приходи од работењето (4,03 милијарди) се повисоки за 80,4%. Останатите деловни приходи во оваа година изнесуваа 50,9 милиони денари, споредено со истиот период од минатата година кога беа во износ од 67,2 милиони денари.

    Во текот на 2021 остварените расходи изнесуваа 5,92 милијарди денари,  споредено со истиот период во 2020 година остварените расходи од работењето  (3,59 милијарди денари) се повисоки за 64,7%, што воглавно се должи на зголемениот обем на производство во текот на овој период, особено на производството на слабови во производниот погон Челичарница, како и зголемување на трошоците на влезните материјали и енергенси.

    Добивката пред оданочување во извештајниот период е 945 милиони денари и е повисока од остварената во текот на 2020, додека нето добивката изнесува 849 милиони денари и повисока од остварената за истиот период во минатата година. Зголемувањето на добивката воглавно се должи на порастот на цените на нашиот готов производ, како и на зголемениот обем на производство на слабови и зголемениот обем на продажба на топловаланите дебели лимови.

    Во овој период компанијата нема извршена исплата на дивиденди по акција заради пренесени загуби од претходниот период.

    Сметководствените политики и методи на вреднување на позициите во финансиските извештаи на Макстил АД, во текот на 2021 година не се  променети.

    Во текот на годината реализирани се поголем број на нови инвестиции, а компанијата и понатаму продолжува со интензивни инвестициони активности за подобрување на кондиционата спремност на инсталираната опрема и производните линии, имплементира високи стандарди за квалитет на своите производи, и превзема мерки за подобрување на безбедноста при работа. Вкупниот вложен износ за инвестиции за 2021 изнесуваше 175,4 милиони денари.

    Во наредниот период наш најголем предизвик останува справувањето со енергетската и кризата со транспорт и логистика, како и евентуалните ефекти коишто би ги предизвикала најновата состојба во Украина. Нашата компанија се соочува со досега невиден пораст на цените на електричната енергија и природниот гас, што на долг рок може неповолно да се одрази, не само врз текот на нашето работење туку на економијата на нашата земја во целина.

    Компанијата и покрај предизвиците ги превзема сите неопходни активности во насока на остварување на поставените цели, а во фокусот и понатаму остануваат вработените, подобрувањето на работните услови, како и зголемување на нивната безбедност.  Во текот на целата година компанијата продолжува со создавање на позитивни промени во пошироката општествена заедница преку поддршка на проекти од општествен интерес од доменот на јавното здравство, образованието, и спортот. Компанијата како активен поддржувач на концептот на циркуларната економија во 2021 беше вклучена во комплексниот истражувачки и иновативен проект, „Cinderela“ базиран на можностите за намалување на урбаниот индустриски отпад, и употреба на секундарните суровини во различни индустрии.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично