Регулаторите дојдоа многу доцна во меѓународниот свет на крипто средства, кој многу брзо се развива, но тие есега работат на првата глобална рамка на правила, кои би требало да бидат готови за неколку месеци, изјави висок функционер за Ројтерс.
Одборот за финансиска стабилност, меѓународно регулаторно тело, кое во своите рамки ги обединува регулаторите, централните банки и претставниците на министерствата за финансии од најбогатите светски држави, членки на Г20, интензивно работи на утврдување на правила за крипто средствата како што се биткоинот и стабилните коини.
Одборот за финансиска стабилност нема овластувања да донесува обврзувачки правила, но неговите членови се обврзуваат да ги вградат договорените регулаторни принципи во нивните национални правилници.
Крипто-средствата во моментов се третираат различно низ целиот свет, почнувајќи од забрани до никакви правила, иако со нив тргуваат меѓународни фирми. Европската унија одобрува сеопфатен сет на стандарди за овластување и надзор на учесниците на пазарите на крипто средства.
Роберт Офеле, претседател на француското тело за набљудување и регулација на пазарите – АМФ и член на Одборот за финансиска стаблност, изјави дека регулаторите го следат универзалниот основен принцип – истите правила да ги покријат истите ризици.
„Очекувам дека за некои од елементите на крипто-пазарот имаме меѓународна регулаторна конвергенција, тука првенствено станува збор за стабилните коини и даватели на услуги за дигитални средства“, рече Офеле.
Регулаторите досега стоеа настрана бидејќи крипто средствата сè уште не беа закана за финансиската стабилност, но оваа тема сега е на врвот на агендата на Одборот за финансиска стабилност, рече Офеле.
Регулаторите, исто така, се обидуваат да стигнат до другите делови на финансискиот пазар кој брзо се дигитализира, како што се социјалните медиуми и паметните телефони кои стануваат се посилно користени од страна на малопродажните инвеститори за купување и продавање акции.
Набљудувачката организација на ЕУ за хартии од вредност ЕСМА детално ги испитува „финфлуенсерите“ односно влијателите на социјалните медиуми кои даваат совети за акции без заштитни мерки за нивниот кредибилитет, изјави претседавачката на организацијата, Верена Рос на Ројтерс.
„Овој феномен што брзо се развива, бара активно следење“, рече таа.
На ЕУ ѝ треба силен чувар на крипто-пазарите како што е Европската централна банка за банкарството, рече Офеле. „Сегашната структура повеќе не е погодна за намената, со развојот на прекугранични активности на дигиталниот пазар“, рече Офеле.