ПОВЕЌЕ

    КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА СРАБОТИ ОДЛИЧНИ РЕЗУЛТАТИ во 2021. Какви се очекувањата на менаџментот за годинава?

    Време зa читање: 3 минути

    Најголемата банка во земјава, Комерцијална банка, имаше фантастична година. Таа успеа за 12 месеци во 2021 година да забележи пораст од 20,5% на својата нето добивка во однос на лани, или нето добивката изнесуваше 2.304,3 милиони денари или фантастични 37 милиони евра.

    Да видиме какви се очекувањата на менаџментот на банката за периодот што следи?

    Макроекономските услови во кои Банката ќе ја остварува својата активност во текот на 2022 година се условени од динамиката на економско заздравување кое се очекува да продолжи и во следниот период. Пандемијата со ковид-19 доведе до синхронизирана економска криза којашто истовремено ги погоди сите економии во светот, со интензитет од невидени размери кој беше различен во зависност од структурата на економиите, фундаментите во преткризниот период, како и силината и ефективноста на мерките коишто ги презедоа носителите на макроекономските политики. Токму поради силната монетарна и фискална поддршка, ММФ оценува дека оваа криза нема да остави силни долготрајни последици врз економиите и ќе овозможи релативно побрзо закрепнување.

    Сепак, со појавата на нови, позаразни и потешки форми на вирусот, кога имунизацијата е сѐ уште релативно ниска, особено во помалку развиените економии, со поизразените и подолготрајни нарушувања на синџирите на снабдување и со позначителното затегнување на меѓународните финансиски услови, надолните ризици за глобалниот раст стануваат поизразени. Во 2022 година се очекува забавување на инфлацијата и нејзино намалување на околу 2,4%, а потоа одржување на историското ниво од околу 2% на среден рок.

    Покрај неповолното влијание на здравствената криза, макроекономските услови во кои Банката ќе ја остварува својата активност исто така се условени и од геополитичките состојби, блокадата на евроинтеграциските процеси на Државата од страна на источниот сосед и од домашните политички случувања. Дополнително негативно влијание врз економската активност се очекува да има извесната енергетска криза, поради што Владата донесе Одлука за утврдување на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија на територијата на целата држава со траење до јуни 2022 година.

    Економското заздравување се очекува да продолжи во текот на 2022 година, при што е проектиран економски раст од 3,7% до 4,6%. Се очекува макроекономската стабилност во Република С. Македонија да биде одржана преку одржување на ценовната стабилност и стабилноста на номиналниот девизен курс на денарот во однос на еврото. Тековните инфлаторни притисоци резултираа со најави од страна на ФЕД за зголемување на референтната каматна стапка во три наврати во текот на 2022 година, додека согласно последните соопштенија објавени од ЕЦБ, се очекува ниското ниво на каматни стапки во ЕУ да се задржи и во наредниот период и истото е во насока на остварување на мерките на економско опоравување. Согласно тоа, не се очекува зголемување на референтната каматна стапка на Народната банка, ниту на каматните стапки на банките. Се очекува годишниот пораст на вкупните кредити на банкарскиот систем во 2022 година да достигне околу 6,4% со постепено забрзување на среден рок. Порастот на кредитите би се финансирал првенствено од депозитната база на банките, при што исто така се очекува растот на вкупните депозити на нефинансискиот сектор да достигне околу 7,4% во 2022 година.

    Банката ќе ги презема сите неопходни активности за прилагодување кон новонастанатите состојби, при што и во следниот период ќе биде фокусирана пред се’ на одржување на квалитетот на портфолиото и изнаоѓање флексибилни решенија на барањата на клиентите заради поддршка на економското опоравување во земјата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично