Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС со низа активности, што се спроведоа во текот на изминатите денови го одбележа Денот за пензиска свесност – 15 септември, а централниот настан, со едукација за млади, ќе се одржи во СГГУС „Здравко Цветковски” – Скопје.
На настанот ќе се обратат претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Ремзи Бајрами и државниот советник на Министерство за социјалнаполитика, демографија и млади Фатмир Сабриу.
Претставници на МАПАС ќе одржат интерактивна едукација со учениците која ќе има за цел да ги научи младите која е улогата на МАПАС, како и за сите детали на пензискиот систем во Северна Македонија.
На настанот ќе се спроведе и квиз со цел да се наградат новостекнатите знаења на учениците.
„Во текот на изминатите денови спроведовме интерактивни едукации во повеќе училишта во земјата, бидејќи за нас е најважно младите навремено да се информирани за функционирањето на пензискиот систем, како и за нивната улога во него. Ни претставува огромна чест што учениците покажаа толку голем интерес,” потенцираа од МАПАС.
Од МАПАС наведоа дека исклучително е важно младите да имаат висока свест за финансиската хигиена, а со тоа да си обезбедат мирни и убави пензионерски денови.