Новите економски предвидувања на Меѓународниот монетарен фонд се доста оптимистички кога станува збор за растот на економската активност. Тој оптимизам, барем според проекциите на Фондот, не е придружен со очекувања кога станува збор за стапката на вработеност.
Не е познато дали експертите на Фондот пресметале дека светската економија годинава ќе има поголема продуктивност, па затоа ќе успее да постигне солидни стапки на економски раст со помал број на вработени. Овој однос, што укажува на можна поголема продуктивност, се однесува на скоро целиот свет, вклучително и на земјите од Западен Балкан.
Она што се забележува во наодите презентирани од ММФ е дека во четвртиот квартал од минатата година е забележана помала невработеност. Во Франција, на пример, стапката на невработеност се врати на осум проценти, што беше процент на оние кои се регистрирани како невработени во 2019 година. Практично, статистиката покажа дека во четвртиот, во споредба со третиот квартал од 2020 година, имало 1,1 процент помалку невработени во Франција. За жал, бидејќи статистиката понекогаш може да биде погрешна, и овој пат падот на бројот на невработени е само резултат на фактот дека многу луѓе во Франција се откажаа од барање работа, поради долг период на заклучување.
Всушност, реалните последици од затворањето на градовите заради пандемијата ќе можат да се видат кога државата ќе се повлече од активната и интензивна поддршка на економијата. Со многу мерки, властите ширум Европа ја ограничија штетата, но воведоа и делумна невработеност, односно одложување на банкрот и отпуштања. Како навистина стојат работите, ќе се знае, веројатно дури во 2022 година.
Според проекциите на ММФ, кризата најверојатно ќе ги погоди пазарите на труд во јужна Европа, односно во Грција, Шпанија, Србија, Италија и Хрватска. Сепак, земјите на северот, како што се Финска и Шведска, исто така се очекува да забележат високи стапки на невработеност. Исто така се претпоставува дека Франција годинава ќе има стапка на невработеност од 9,1 процент. Германија и Велика Британија веројатно ќе претрпат ограничена штета поради загуба на работното место, со стапки на невработеност од 4,4, односно 6,1 процент.
Во еврозоната како целина, ММФ предвидува стапка на невработеност од 8,7 проценти во 2021 година, што е за 0,9 проценти повеќе од минатата година. Да потсетиме, во исто време, растот на БДП во еврозоната се предвидува на 5,8 проценти оваа година.
10 европски земји на кои им се заканува највисока стапка на невработеност
1. Шпанија – 2020 година – 15,5% 2021 година – 16,8%
2. Грција – 2020 година – 16,4% 2021 година – 16,6%
3. Србија – 2020 година – 13,3% 2021 година – 13%
4. Италија – 2020 година – 9,1% 2021 година – 10,3%
5. Хрватска – 2020 година – 9,2% 2021 година – 9,4%
6. Франција – 2020 година – 8,2% 2021 година – 9,1%
7. Шведска – 2020 година – 8,3% 2021 година – 8,7%
8. Украина – 2020 година – 9% во 2021 година – 8,6%
9. Финска – 2020 година – 7,8% 2021 година – 8,6%
10. Литванија – 2020 година – 8,9% 2021 година – 8,6%
Меѓународниот монетарен фонд предвидува дека оваа година стапката на невработеност во САД ќе се намали, од 8,1 процент минатата година, на 5,8 проценти.
Засега, во Америка, и покрај многу добрите реакции на инвеститорите на предлогот на програмата на Бајден, сè уште има исклучително голем број поднесени апликации за надоместоци за невработеност.
Според агенцијата Блумберг, бројот на жители на САД кои побарале надоместоци за невработеност само минатата недела е 744.000. Исто така, се наведува дека, од почетокот на пандемијата, во март 2020 година, биле поднесени околу 84 милиони барања за надоместоци за невработеност, што е двојно повеќе од вкупниот број на оние кои добиле помош за време на Големата рецесија во 2009 година.