ПОВЕЌЕ

    Јанков: Субвенционирање на домаќинствата за користење на инвертер клима уреди, изградба на нов патен правец Куклиш- Сачево

    Време зa читање: 3 минути

    Петар Јанков, кандидат за градоначалник за општина Струмица од редовите на ВМРО- ДПМНЕ, денес гостуваше во дебатната емисија „Локални избори 2025 – изборни соочувања” на МРТ1, при што истакна дека неговата програма ги таргетира главните проблеми на општина Струмица, како питката вода за пиење, капитален проект за изградба на нова градинка во населбата Карпош, како и инфраструктурните инвестирања во општина Струмица.

    „Еден од главните проблеми е водата за пиење, питката вода, затоа ние во нашата програма предвидовме да ја акредитираме струмичката лабараторија, да ги подобриме условите за работа таму. Ќе набавиме два нови озонатори за прочистување како и деструктор за прифаќање на неврзаниот озон”, рече Јанков и додаде:

    „Капитален проект изградба на ново основно училиште во населба Карпош, бидејќи е брзорастечка населба, со цела пропратна инфраструктура спортски терени, модерни училници и кабинетска настава”.

    Јанков потенцираше дека програмата предвидува инвестирање како во комуналната така и во подобрувањето на патната инфраструктура во општина Струмица и наведе дел од проектите содржани во истата.

    „Целосна реконструкција на патниот правец Струмица- Просениково мост на река Турија, нов патен правец Куклиш-  Сачево се со цел да ја подобриме мобилноста на граѓаните и подобри услови за животот на нашите сограѓани”, кажа Јанков.

    Во делот на животната средина, Јанков сподели какви се неговите планови за почиста животна средина и истака дека има за цел тоа да го постигне преку поставување на повеќе мерни станици за следење на квалитетот на воздухот во општината, зачестени инспекциски контроли, размена на искуство за користење на филтри меѓу компаниите како и субвенционирање на домаќинствата за користење на инвертер клима уреди.

    „Поставување на повеќе мерни станици за контрола на воздухот, зачестена инспекциска контрола на компаниите, преку посредно искуство треба да направиме спој меѓу компаниите за да можат да разменат искуства на кој начин да имплементираат и тие такви филтри. За домаќинствата предвидено е, оние делови мерните станици кои ќе ги лоцираат кои се најзагадени да има одреден начин на субвенционирање од страна на општината и од централната власт. Тие конкретни мерки ќе бидат субвенционирање на поголем дел од набавката на клима инвертер уред, доделување на ваучери по региони, по групи дали тоа ќе биде возрасна група пензионери или социјална категорија на граѓани”, вели Јанков.

    На крај, Јанков посочи дека неговата програма е реална програма и истата се базира на рамномерна распределба на средства како во централното градско подрачје така и во населените места и има за цел да придонесе кон тоа општина Струмица да стане помодерна, поурбана и почиста општина за живеење.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично