Шпаркасе Банка Македонија го објави почетокот на третиот циклус од програмата „Чекор по чекор“, наменета за поддршка на старт-ап бизнисите во Република Северна Македонија. Преку оваа програма Шпаркасе Банка Македонија веќе трета година по ред на стартапите им овозможува пристап до потребните финансиски средства за развој на нивните микро и мали компании, како и вклучително едукација и менторство за правилен развој и одржливост на бизнис-идеите.
Програмата „Чекор по чекор“ е прва акцелераторска програма од овој вид во Република Северна Македонија, која започна во 2019 година во соработка со партнерите „Business Impact Lab“ и „Startup Academy“. Целта на програмата е да обезбеди парична и општествена поддршка на компаниите што се во почетната фаза на развој на сопствен бизнис, со можност за кредитирање во износи до 25.000 евра, вклучително со пакет на образовна, финансиска и менторска поддршка.
„Како прва банка што воведе специјална програма за финансирање и поддршка на развојот на старт-ап бизнисите, Шпаркасе Банка Македонија во претходните два циклуса успеа да овозможи кредитирање на 22 старт-ап компании, со вкупен износ од околу 200.000 евра. Само во 2019 г. беа финансирани првите 14 старт-ап компании, додека во 2020 г., иако беше година на пандемија, сепак циклусот беше целосно спроведен преку онлајн платформите и со неговото финализирање произлегоа дополнителни 6 нови успешни старт-ап проекти, со кои денес се гордееме“, изјави Владимир Кечовски, директор на Дирекцијата за мали и средни компании за Регион Скопје.
Шпаркасе Банка Македонија во претходните два циклуса успешно ја реализираше програмата „Чекор по чекор“ во соработка со партнерите „Business Impact Lab“ и „Start Up Academy“, кои беа задолжени за спроведување 8 различни образовни модули наменети за едукација на старт-ап менаџерите за квалитетна изработка на потребните бизнис-планови. Но, исто така, со своето менторство ги насочуваа стартапите како правилно да ги употребат финансиските средства и да ја продолжат инвестициската активност за да го обезбедат потребниот фиксен капитал.
„Најголемата придобивка од програмата е фактот што повеќе од 20 старт-ап бизниси добија финансиски средства за реализација на нивните бизнис-идеи во околности каде што шансите за добивање поволни финансиски средства од други финансиски институции беа и сѐ уште се минимални. Благодарение на програмата, имаме 20 бизниси што успешно работат и дополнително го развиваат претприемничкиот екосистем во Македонија. Од друга страна, пак, повеќе од 50 компании ја поминаа програмата и имаат развиени бизнис-идеи, кои со минимално подобрување и со поголема посветеност на претприемачите можат да прераснат во нови успешни приказни не само за Банката, туку и за заедниците во кои функционираат“,изјави Виктор Митевски од „Startup Academy“.
„’Бизнис импакт лаб’ како акцелератор што работи активно и е дел од нашиот екосистем, слободно можам да кажам дека ‘Чекор по чекор’ е една од ретките програми што има за цел да им го олесни пристапот до финансии на стартапите. Програмата ги следи економските текови и се адаптира во согласност со настанатите промени на глобално ниво. Градејќи ги капацитетите на стартапите, а посебно оние што имаат одредено влијание врз околината со нивното работење, нашата цел е да им помогнеме во нивниот раст и надвор од нашите граници“, изјави Кристијан Милески, соосновач на „Бизнис импакт лаб“.
Програмата „Чекор по чекор“ е наменета за компании што се регистрирани пред помалку од 24 месеци и кои имаат потреба од дополнителни финансиски средства и едукација за унапредување на нивните претприемачки вештини, кои се наоѓаат во старт-ап фаза или во фаза на развој на бизнис-идеја и вработуваат еден или помалку од 10 вработени.
Повеќе информации за програмата „Чекор по чекор“ погледнете на веб-страницата на Банката (www.sparkasse.mk), а сите заинтересирани учесници во третиот циклус ги покануваме да се пријават со пополнување онлајн апликацијата на следниот линк.