ПОВЕЌЕ

    Чадеж: Трговската размена на Западен Балкан зголемена трипати во последните 10 години

    Време зa читање: 3 минути

    КОПАОНИК – Претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж, денеска
    на 33. Копаоник бизнис форум изјави дека трговската размена на Западен Балкан е зголемена трипати во последните 10 години, како и дека чекањето на стока на границите е скратено од два часа на нешто повеќе од 20 минути.
    „Ова е тема која можеби најмногу ги чувствува политичките удари или она што го
    нарекуваме влијание на одредени политички односи меѓу владите во регионот врз самото стопанство“, рече Чадеж на панелот „Заедно напред: Регионална интеграција на Западен Балкан“.
    Сепак, како што рече, трговската размена меѓу земјите од Западен Балкан во изминатите 10 години е зголемена трипати, пред сè во размена на стоки.
    „Некои иницијативи, како тогашната иницијатива Отворен Балкан, донесоа пред сè
    одредено забрзување на прометот на стоки меѓу нас, односно кога станува збор за
    признавање на сертификати. Има сè уште многу проблеми, но системски одредени работи се решени. Колку што гледаме и мериме на границите, времето го скративме од околу два часа на нешто повеќе од 20 минути кога станува збор за промет меѓу земјите и економиите на Западен Балкан, а не меѓу регионот и ЕУ. Тоа е друга тема“, рече Чадеж.
    Тој посочи на примерот на Србија и Албанија, кои во последните 10 години успеале да го зголемат извозот од Србија во Албанија за дури 90 насто, а од Албанија во Србија исто така за нешто повеќе од 90 насто.
    „Имаме потпишано повеќе од 60 билатерални договори, а она што е најинтересно е дека српските туристи одат во Албанија. Албанското приморје е втора дестинација за српските туристи по Грција. Имаме примери на српски компании кои неодамна инвестираа, како Алта банка во Северна Македонија во финансискиот сектор. Имаме примери од фармацијата – Вега која инвестираше во компании во БиХ и други“, рече Чадеж, пренесува Танјуг.
    Тој констатираше дека работите во таа смисла се промениле на подобро, но дека земјите во регионот и понатаму страдаат од, како што рече, политичкиот фактор.
    Во некоја од овие средини ќе се случат избори, а тогаш најлесно е да се освојат поени, без разлика од која партија сте, така што повторно ќе комуницирате за надворешни или внатрешни непријатели и ќе се враќате на теми од минатото, а тоа секако влијае и врз бизнисот“, рече Чадеж.
    Тој потсети дека пред неколку дена претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и
    албанскиот премиер Еди Рама напишале заеднички текст за „Франкфуртер алгемајне
    цајтунг“, во кој, како што рече, зборуваат за реалистичен пристап во односите на Западен Балкан кон ЕУ.
    „Тука можеме да очекуваме процес на забрзување на поинаков начин од она што можеби моментално е формално. Ми се чини дека целата геополитичка ситуација во Европа се поместува од Брисел кон земјите членки, пред сè кон најголемите земји членки, кои рекоа дека ќе го консолидираат просторот и тоа е шансата на Западен Балкан. Кога ќе погледнете, секое проширување на Европската унија било пред сè политичко, а не бирократско, и ми се чини дека и ова сега, како и да се нарече, ќе биде влез пред сè во единствениот пазар и Шенген или ТИР 2 или придружено членство без право на глас, како меѓучекор, и ќе дојде многу, многу брзо“, рече Чадеж.

    (Извор и фото: Политика.рс)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично