ПОВЕЌЕ

    Централната банка на Израел воведува етериумска технологија во дигиталниот шекел

    Време зa читање: 3 минути

    Банката за меѓународни порамнувања ја даде целосната поддршка на развојот на дигиталните валути на централната банка

    Израелската централна банка ја тестира етериумската технологија како дел од неодамнешниот внатрешен тест на дигитални шекели. Ова го објави институцијата, цитирана од Блумберг.

    Во мај, централната банка објави извештај во кој се наведува дека системот за дигитално плаќање може да има позитивен ефект врз економијата со олеснување на процесите на плаќање, нудејќи им безбедност на учесниците во трансакцијата.

    Банката исто така повика на идеи за паметни апликации за поддршка на дигиталната инфраструктура.

    Властите од Шведска до Кина работат на своите дигитални пари во обид да одговорат на зголемениот интерес за криптовалути и намалената употреба на готовина и други традиционални методи на дистрибуција. Појавата на монети како што е биткоинот, на пример, го зголеми притисокот врз централните банки да презентираат сигурни алтернативи на дигиталните трансакции.

    Етериум и неговата блокчејн технологија се први со целосно функционална програма со таканаречени паметни договори кои им овозможуваат на корисниците да создаваат нови криптовалути.

    На почетокот на оваа недела, Банката за меѓународни порамнувања (БИС) даде целосна поддршка за развојот на дигиталните валути на централната банка (ЦБДЦ), велејќи дека тие се потребни за модернизирање на финансиите и осигурување дека таканаречената „Биг Тех“ нема да ја преземе контролата врз парите.

    БИС, кој координира голем дел од дискусијата за дигиталните валути, даде препораки во средата за тоа како треба да изгледа ЦБДЦ – како што се дигиталниот долар, еврото, јенот или јуанот.

    Како дел од претстојниот годишен извештај, таа проценува дека најмалку 56 централни банки и монетарни власти, кои претставуваат околу една петтина од светската популација, сега гледаат некаква дигитална валута, бидејќи трговијата се повеќе се движи на Интернет.

    „Возот ја напушти станицата“, рече Беноа Коере од БИС, осврнувајќи се на преминот на централните банки кон дигитални валути и нивната поддршка. „Не дека се занесуваме, туку само гледаме наоколу“, објаснува тој.

    Овој потег доаѓа во време кога физичката употреба на пари паѓа на глобално ниво, а властите бараат да ја одвратат заканата за нивната можност да печатат пари од криптовалути како што се биткоинот и напорите на Биг Тех, како што е Дием, поддржан од Фејсбук, поранешна Либра.

    Без CBDC, дигиталните пари ќе станат се повеќе доминирани од големите технолошки компании, предупреди Коере, бидејќи ќе има корист од огромните бази на корисниците на социјалните медиуми.

    CBDC имаат потенцијал да ја револуционизираат монетарната политика. Наместо да биде алтернатива на националните монетарни системи, таканаречените GovCoins ќе ја рефлектираат фиат-валутата на секоја земја, користејќи блокчејн технологија за зајакнување на надзорот на централната банка.

    Бахамите веќе воведоа државна криптовалута. Кина спроведува пилот-проекти во четири градови, а симулацијата на концептот за е-круна веќе е во тек во Шведска. Европската централна банка (ЕЦБ) има намера да донесе одлука за можно е-евро во средината на годината. Претседателот на Бундесбанк Јенс Вајдман очекува да поминат многу години пред да може да се воведе електронското евро, објасни тој на почетокот на оваа година.

    Извор: Банкометар.мк

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично