Комерцијална банка продолжува со примената на современи технологии за производство на „чиста“ енергија од обновливи извори. Филијалата на Банката во Прилеп ќе се снабдува со електрична енергија и од сопствено производство.
Со најновата инвестиција во зелена енергија, Банката инсталираше фотоволтаична централа со моќност од 45 kW. Оваа инвестиција ќе обезбеди очекувано годишно производство на 56.000 кWh електрична енергија.
Со фотоволтаичните панели во Прилеп, Комерцијална банка ќе спречи годишна емисија на 29 тони CO2, што е еквивалент на засадување 760 дрвја. Уште поголемо значење има фактот што оваа инвестиција овозможи отстранување на постоечкиот систем за греење со нафта и воспоставување систем за греење преку термо циклус со помош на реверзибилен чилер.
Опремувањето на деловните објекти со фотоволтаични панели е дел од стратегијата на Комерцијална банка за вложување и континуирано спроведување одржливо и одговорно работење, кое е од интерес не само за Банката туку и за животната средина и целокупното општество. Токму затоа, за целиот проект комплетна поддршка и соодветно одобрение даде и Општина Прилеп.
Комерцијална банка веќе има поставено фотоволтаичен систем и на покривот на деловниот објект во центарот на Скопје, кој годишно произведува 33 MWh електрична енергија.