„Македонија покажува добар прогрес во делот на економската и монетарната политика, опфатена со поглавјето 17. Значајно е тоа што во над 70 проценти од поглавјата во Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија се нотира напредок во спроведените реформи. Како особено значајно е истакнато носењето на новиот Закон за буџети со којшто се воспоставуваат јасни фискални правила за буџетскиот дефицит и долгот на општата власт, а со кој се усогласуваме и со Директивата за буџетски рамки на ЕУ“, истакна заменик-министерот за финансии, Филип Николоски на панел-дискусијата „Со сите капацитети до европски стандарди – институции кои испорачуваат за граѓаните“. Ова беше прв од трите настани под слоганот „На Европски пат: нови реформи, нови можности“, коишто периодов ќе се одржат по повод објавувањето на Извештајот на ЕК, а во организација на СЕП.
Законот за буџети содржи и одредби за формирање независно тело, Фискален совет, коешто ќе ја следи усогласеноста со фискалните правила.
Николоски вели дека воспоставувањето Фискален совет треба да обезбеди независни и професионални анализи и мислења за макроекономските и фискалните претпоставки, фискалната стратегија, Буџетот, извештаите за реализација на Буџетот, фискалните ризици и слично.
Во насока на зголемување на отчетноста на Владата, се воведува и изјава за фискалната политика која треба да ги содржи насоките за фискалната стратегија за времетраење на мандатот.
Воедно, преку интегрираниот информациски систем за управување со јавни финансии – ИФМИС, на чија имплементација се работи, ќе се овозможи подобро планирање и следење на реализацијата на приходите и на расходите во Буџетот, како и нивна контрола.
На настанот, од страна на високи делегации беше истакнато дека Извештајот е силно признавање на спроведените реформи, што е особено значајно имајќи предвид дека истиот доаѓа во време на сè уште присутна пандемија и енергетска и ценовна криза.
Притоа, во време на затегнати услови на глобалниот пазар на капитал, во Извештајот се нотира и прашањето за финансирањето на буџетскиот дефицит. На прашање од модераторот кои политики се преземаат во делот на внимателно управување со јавниот долг, Николоски нагласува дека Владата останува посветена на определбата за постепена фискална консолидација на среден рок.
„Согласно Фискалната стратегија, предвидена е етапната фискална консолидација за намалување на буџетскиот дефицит како % во БДП и тоа од 4,2% во 2023 година до 2,8% во 2027 година, како и подобрена структура на јавните финансии со значајно учество на капиталните расходи од 4% во БДП на годишно ниво. Во контекст на постепената фискална консолидација е и претпазливото и стратешко менаџирање на јавниот долг. Во оваа насока ќе го споменам и инструментот ПЛЛ за кој Мисијата на ММФ минатата недела ни даде зелено светло, но и излегувањето на германскиот пазар со обврзница по значително поповолни услови од оние на глобалниот пазар на капитал“, истакна Николоски, притоа нагласувајќи дека мора да се имаат предвид и предизвиците со кои се соочуваме, како енергетската и ценовната криза, а кои бараат и соодветен фискален одговор.