Паметен, амбициозен и навремен одговор на економските власти може да ги намали штетите врз економијата и домаќинствата. Но, ако одговорот е задоцнет, недоволен и преплавен со идеолошки опортунизам, економската штета може да биде значително поголема, порача денеска Институтот за економско истражување и политики „Finance Think“.
Институтот препорачува официјални мерки на Владата да станат барањата за спасување на платните исплати на фирмите, спречување на отпуштања, гарантирање на доходот преку социјални шеми, обезбедување на неопходната ликвидност на буџетот, а која се очекува да почне прогресивно да се влошува од почетокот на следнит месец.
„Посветеност кон строга буџетска консолидација е неопходна преку итен и јасен ребаланс на буџетот. Остатокот потребни средства е неопходно да се обезбедат од странски концесионални кредитори, првенствено поради прогресивното замрзнување на приватните финансиски пазари, што може да значи изгубено време за преговарање без гарантиран позитивен исход”, укажува „Finance Think“.
Оттаму оценуваат дека македонската економија забележува значителна контракција, која се очекува да се засилува во претстојните месеци. Економската активност во вториот квартал се очекува да падне многу поостро споредено со кој било период од македонската независност, оценува „Finance Think“.
Најголемиот годишен пад на БДП во државава од 13,2 проценти е забележан во 1992 година, предизвикан од распаѓањето на заедничкиот југословенски пазар, а најголемиот квартален пад од 12,7 проценти во третиот квартал од 2001 година, како резултат на внатрешниот конфликт. Сегашната економска криза, за разлика од претходните, потсетува Инститот, е производ на неопходниот одговор на здравствените власти на коронавирусот, и со далеку поголем опфат. Оттука, укажува Институтот, одговорот на економските власти е итно неопходен, со оглед дека освен неговата добра таргетираност, важна е и неговата навременост. Дополнително, како што велат, клучните предлог-мерки е неопходно да произлезат од економските власти, со цел да демонстрираат јасна насока, посветеност и координираност на различните економски ресори.
Како што препорачува „Finance Think“, неопходно е обезбедување циркуларен тек на средствата во економијата, со цел компаниите да може да исплаќаат плати, работниците да може да располагаат со минимум средства за живот, другите граѓани да продолжат непречено да ја добиваат социјалната заштита, а Буџетот непречено да го финансира здравствениот и безбедносниот сектор. Најголем дел од предлог-мерките кои циркулираат во јавноста треба без одложување да бидат усвоени како официјални владини мерки.
Потребно е, како што велат, спасување на платните исплати на фирмите. Оваа група мерки се однесува на зачувување на работните места и платите на работниците кои не се во производниот процес поради индуцираната контракција и/или кои имаат драстичен пад на приходите. Владите на Велика Британија и Данска, на пример, плаќаат 80 проценти и 75 проценти, соодветно, од трошокот за плата на работниците. Фирмите имаат обврска да го платат остатокот, за што се поддржани со бескаматни или субвенционирани кредити.
Според „Finance Think“, особено е важно да не дојде до откажување на договорот за вработување, што е клучно за побрз излез од економската криза и брзо повторно воспоставување на производството и подигање на побарувачката веднаш по завршувањето на здравствената криза. Клучната предлог-мерка која циркулира во јавноста, за исплата на минимална плата во нето износ од страна на државата, а даночните трошоци ги исплаќа работодавачот, е во оваа насока. Истото се однесува и на кредитите овозможени и/или гарантирани од Банката за развој на Северна Македонија што се објавени денеска, смета „Finance Think”.
Гарантирање на доходот, појаснува Институтот, може да се додели преку шемите за социјално осигурување.
И покрај фокусот врз заштита на работните места, предупредува „Finance Think”, економијата ќе се соочи со отпуштања. За спроведување на предлог-мерката со која се зајакнува можноста за стекнување надомест во случај на невработеност неопходна е измена на Законот за осигурување во случај на невработеност, поконкретно суспендирање на став 2, член 71, најмалку точките од 1 до 5, со што ќе се овозможи секое лице кое ќе изгуби работа поради коронакризата да може да се стекне со право на паричен надомест во времетраење од најмалку шест или девет месеци. Дополнително, износот на надоместот може да се зголеми од предвидените 50 проценти на 80 проценти од просечната плата на работникот, во првите три месеци по губењето на работата (член 68). Директни плаќања кон домаќинствата може да обезбедат парична поддршка за домаќинства без доход од работен однос, но за да тие во вакви околности имаат смисла, неопходно е да се суспендираат и/или олабават условите за материјална необезбеденост и за докажување на поседувањето недвижен имот и имотни права при барање социјална помош. Поконкретно, неопходно е да се измени член 28 од Законот за социјална заштита. Овој услов може да се воведе повторно по одреден период од завршување на здравствената криза, стои во анализата на Finance Think за Makpress.mk