„Златото е традиција. Таа произлегува од длабоко вкоренета недоверба кон владите и валутите и се пренесува од генерација на генерација. Тие не земаа пари. Земаа злато“, вели Есра Г, жителка на Истамбул, чие презиме е скратено за да и се заштити анонимноста. „Јас сум дете на тој систем. … Го сакам златото кое што можам да го допрам и да го почувствувам“. Токму многу луѓе како г-ѓа Г. ги таргетира новиот турски министер за финансии Нуредин Небати, кога минатата недела објави планови за охрабрување на домаќинствата да ги претворат своите златни резерви во турски лири во обид да ги зајакнат резервите на турската централна банка.
Според замислата, Анкара се надева дека ќе конвертира околу 25 милијарди долари од скриениот метал во валута. Турција ќе ја прошири својата желба да ги привлече штедачите назад кон лирата следната недела со шема чија цел е да внесе злато „под душек“ во банкарскиот систем од милијарди долари, им рече министерот за финансии на земјата на инвеститорите за време на посетата на Лондон.
Нуредин Небати, кој оваа недела го направи своето прво патување во Велика Британија откако беше назначен на крајот од минатата година, рече дека владата се надева дека 10 отсто од златото во вредност од околу 250 милијарди долари што го чуваат Турците во нивните домови ќе биде претворено во лира во рамките на иницијативата, според двајца учесници на настанот.
Според Светскиот совет за злато, официјалните резерви на турско злато паднале од 583 тони во јули 2020 година на 392 тони една година подоцна.
Ајше Есен, шеф на водечка турска рафинерија за злато, ја сподели проценката на г-дин Небати. „Свесни сме за фактот дека има околу 3.000-5.000 тони злато заштедени под душеците, што е неформална економија со големина од 200-300 милијарди долари“, г-ѓа Есен, извршен директор на Рафинеријата за злато во Истанбул (IAR).
Говорејќи за Сабах, провладин дневен весник, г-ѓа Есен, веројатно несвесно, сугерираше дека убедувањето на Турците да го претворат своето злато може да се покаже како тешка битка. Таа истакна дека програмата започната пред десет години од страна на рафинеријата и комерцијалните банки досега има пребиено само 100 тони скриено злато.
Небати изјави дека 30.000 продавници за злато ќе имаат централна улога во шемата, која ќе се заснова на поширок пакет итни мерки претставени во декември со цел да се запре слободниот пад на лирата, која загуби 44 отсто од својата вредност во однос на доларот во 2021 година.
Владата потпиша договори со пет златни рафинерии за претворање на накитот предаден во рамките на програмата во златни шипки што ќе придонесат за резервите на централната банка на земјата, додаде тој. Министерството за финансии одби да го коментира планот, но турската државна новинска агенција Анадолу го цитира Небати дека наскоро ќе бидат објавени нови мерки за ставање „злато под душекот во [финансискиот] систем“.
Традиционален подарок за свадби и раѓања, златото долго време беше префериран начин за Турците кои се сомневаат во банкарскиот систем – и во историјата на инфлацијата на нивната земја – да го чуваат своето богатство. Но, турските власти го гледаат тоа како дел од поширокиот проблем на „доларизација“ или собирање на странски валути и благородни метали, што е постојан извор на притисок врз турската лира.
Но госпоѓата Г. од почетокот на приказнава, пред неколку децении вети дека никогаш нема да ѝ верува на банката со своето злато, иако не се двоуми да депонира пари во банка. Таа, како и многу Турци, е историски сомнителна за авторитетот, а многумина од нив гледаат на собирањето злато не само како сигурна инвестиција, туку и како резерва што не може да им се одземе. Исто така, не ја нарушува исламската забрана за камати.
На почетокот на 19 век, Турците собирале злато за да ги избегнат отоманските даноци, кои се засновале на она што физички го поседувале даночните обврзници кога ќе дојде даночникот. Како резултат на тоа, отоманските поданици купувале злато и го закопувале за да не се брои и оданочува. И покрај подоцнежното воведување на книжни пари од страна на Османлиите, отоманските поданици продолжија да го гледаат златото како најсигурна форма на инвестирање поради инфлацијата.
„Луѓето не веруваат“, вели еден трговец со злато. „Книжен сертификат нема врска со златото. Лирата беше девалвирана од инфлацијата и оттогаш луѓето немаат доверба во книжните пари. . . . Златото стана симбол на недоверба кон државата“.
„Во овој бизнис сум со децении и видов многу промени. Една работа никогаш не се менува, а тоа е златото. Нашите пари се безвредни; златото е многу подобро. Освен тоа, златото е дел од нашата историја“, додаде сопственик на продавница за накит.
Со привлекување на скриеното злато, г-дин Небати има за цел да и помогне на владата да го запре слободниот пад на турската лира, која изгуби повеќе од 40 отсто од својата вредност минатата година и да го запре излегувањето од контрола на инфлацијата која минатиот месец достигна 36,1 отсто.Но, традицијата може да се покаже како Ахилова петица на министерот Небати.
Еден инвеститор кој присуствуваше на еден од состаноците на групата на Небати рече дека долгогодишната недоверба на Турците кон лирата ќе биде тешко да се надмине. „Можеби, ако плаќаат навистина добра каматна стапка, можат да добијат нешто“, рече тој. „Но, се сомневам дека ќе добијат 25 милијарди долари“.