ПОВЕЌЕ

    СТАВ| Како еден човек може да упропасти просперитетна држава?!

    Време зa читање: 8 минути

    Случувањата во Турција, како еден човек може да упропасти просперитетна држава, иницира размислување. Како е тоа можно да се дозволи да се случи? Одговорот на ова прашање е далекусежен. И воедно објаснува зошто Македонија никако не може да крене глава сите 30 години.

    Да се започне од САД и татковците кои што ја основале како независна држава (од претходно колонија). Веројатно тоа е најпаметна група на луѓе што воопшто се собрала во човечката историја. Но, одејќи 250 години нанапред од тогаш (денешно време), очигледно е дека сепак требало да бидат уште попаметни. Ја знаеле основата на проблемот, моќта на државата не треба да се концентрира, дали во еден човек, или во група на луѓе. Но, решението не соодветствува на проблемот, и очигледно и самите биле свесни за тоа.

    Томас Џеферсон (еден од татковците) кажал дека предвидува светла иднина за американците, ако ја спречат државата (политичарите) да им ги троши парите, под изговор дека тоа го прави за нивно добро (прикажано долу). Звучи многу познато, не, особено кога ќе дојде време на избори. Томас со кажаното очигледно ја препознава опасноста, која што за жал САД не ја избегнува. Опасност во облик на социјализмот, чии елементи прво навлегуваат во САД во 1913, за потоа со Новиот Договор (за време на Големата Депресија) социјализмот да навлезе во САД на голема врата. Каде што нели државата ја превзема одговорноста за излез од кризата, а фактички влошувајќи ја состојбата уште повеќе.

    САД имала и претходно кризи (тие се циклични по природа, друга тема е тоа), можеби дури и поголеми од Големата Депресија. Но, ни приближно не била толку погодена претходно бидејќи решенијата биле оставени на работниот сектор, а не на државата (политичарите).

    Одиме на друг од татковците, Бенџамин Франклин. Кога излегол надвор од состанокот на кој што се договарале за какво да биде политичкото уредување на САД, луѓето го прашале што се одлучило. Одговорот му бил, “Република, ако можете да ја задржите.” Очигледно и тој како и Џеферсон бил свесен дека решението не соодветствува на проблемот. Република е кога моќта на државата е делегирана во нели “народните” избраници, тоа не е демократија, што обично се меша.

    Грешката е што во дизајнот како основа ја зеле Римската Империја, но повторно друга тема, да не се шири.

    Кога сме кај Бенџамин Франклин да се расчисти една од бројните заблуди. Која што упорно се повторува, а не се предизвикува, да се праша зошто така. Тој кажал, “во овој свет ништо не е сигурно, освен смртта и даноците.” Ова кажано го злоупотребуваат марксистите, дека работниците мора да плаќаат даноци, нели за државата, прокламативно. А во реалноста тие пари се за марксистите, бидејќи нели тие се државата, вечно закачени на нивните лукративни фотелји. И во реалноста имаме партија (или партии кои што даваат илузија на избор), а не држава. И затоа државата никако да профункционира, државата е мртва, да живеат партиите, социјализам.

    И не нема да пропадне државата, него марксистите се тие што ќе пропаднат, зошто кај нив одат парите. Ќе мора конечно да почнат да работат, да видат тоа како изгледа. А државата баш спротивно, ослободена, конечно ќе може да крене глава.

    Муабетот на Франклин тука му бил друг. Дека тие што ја имаат моќта на државата, не е прашање дали, него кога ќе ги згрешат работите. А за нивните грешки плаќаат кој друг ако не работниците, тие се тие што создаваат и ги плаќаат даноците, и го полнат буџетот. Значи сигурно е дека политичарите ќе ја зафркнат работата, тоа му бил муабетот. А кога социјалисти се на власт, во целата нивна неспособност и алчност, веројатноста дека ќе прават спротивно (на штета на државата, но во личен интерес) е 100%.

    Очигледно татковците на САД, колку и да биле мудри, не го погодиле целосно дизајнот на системот. Еј, наместо Римската Империја подобро да го земеле Исус и неговото учење (авторот не е нешто религиозно опседнат). Кое што учење е во суштина проповедање на капитализмот. Секако марксистите во нивните бројни лаги (фактички марксистите немаат друго освен лаги), кажуваат дека Исус бил левичар. Хмм, зошто тие што го каменувале на Исус, претходно баш истите тие го величале? Бидејќи Исус им кажал дека основата на проблемите, и решенијата, да ги бараат во себе, а не во некој друг. Да не очекуваат некој друг (нели државата во случајот со марксистите) да им ги решава нивните проблеми. Тоа не им се допаднало на луѓето кои што во Исус гледале спасител (тогашна Јудеја била под окупација на Рим).

    И Исус не проповедал присилно одземање, што е основата на марксизмот. Воедно не пропагирал завист и омраза, што ги шират марксистите.

    Кога сме кај лагите, некоја марксистичка будала ќе каже, “ама вистинскиот комунизам никогаш не е пробан”. Тоа што марксизмот има зад себе над 100 милиони жртви и огромна штета, се игнорира. И тука да се додадат и жртвите од неговиот помал брат, националниот социјализам (нацизмот), двајцата од една иста мајка, колективизам.

    И ако тоа не е вистинскиот комунизам, колку ли тогаш жртви би имало кога би бил нели вистински?

    Во овој контекст, друга лага, за пропаста на Југославија како држава. Виновниците се све некои други, само не тие вистинските, комунистите, во целата нивна алчност и неспособност. И наместо да одговораат, си продолжија со истото после, секој во својата република. И тоа сеуште го живееме, само се премина од комунизам во социјализам. Моќта на државата остана во рацете на политичарите, не се префрли на работниците.

    А да се претпостави спротивното, Југославија да беше слободна, да беше капиталистичка. Не само што денес уште ќе постоеше, него ќе беше јака и богата држава.

    Ако во комунизам марксистите ти одземаат се, во социјализам ти одземаат поголем дел. И тие самите решаваат колку да ти одземат, нели во интерес на државата, а тие ја претставуваат државата, вечно закачени на буџет. Во Македонија тој процент е околу 60% (директни и индиректни давачки). И состојбата е, едни само плаќаат и го полнат буџетот, а други само трошат и го празнат.

    И сега шу прајме, тука доста може да се земе од татковците на САД. Делот во економијата добро го замислиле, пример немањето на директни даноци, НУЛА. А трошењето на политичарите под 3% од БДП, за денеска тоа да е над 30% (некаде и над 50%).

    И до 1913 тоа било во САД, во кој период всушност го доживува најголемиот економски раст, и од бивша колонија станува светска економска сила. Но, бидејќи татковците не го предвиделе добро политичкиот дел, политичарите го заобиколиле тоа ограничување и од 1913 се воведуваат директните даноци. Секако, прво било продадено дека е само за богатите, за со текот на времето сите да мора да плаќаат.

    Станува збор за дизајн на систем од повеќе делови, кои што меѓусебно треба да се склопат. Покрај економскиот дел, тука се монетарниот систем (монетарната, и исто и финансиската политика). Сегашниот глобален монетарен систем (кој е од 1944) иако е прилично добро замислен, едноставно не може да го преживее социјализмот (трошењето на политичарите, долгот). Всушност нема дизајн на монетарен систем кој што би го преживеал социјализмот. Треба да се размислува за дизајн на нов, кој што во случај на Македонија може да биде од два дела (еден за внатре, друг за надвор). И ако добро е дизајниран (а може да биде), тогаш и други земји би почнале да го превземаат.

    Други делови, дизајн на судството, безбедноста, образованието (мнооооогу битно), здравството, јавните претпријатија, пензискиот систем, ….

    Дали има решенија, апсолутно, барем теоретски. И кои што би биле практично и те како спроведливи. Но, проблемот тука е што социјализмот не си заминува тивко во ноќта, ќе клоца и вреска до самиот крај. Вечните политичари и останатите буџетари, нема лесно да се откажат од вечните фотелји.

    Како до тоа? Во Македонија сите партии се леви, разликата е само лево и полево. Затоа работите не се менуваат на подобро, независно која партија е на власт. Нема (и никогаш немало) десна партија, и лидер со знаење, искуство (и два пара cojones). Да ја освои власта, и тоа да го спроведе преку политички реформи. Десна партија која што би се борела за работниците, и би го исчистила буџетот од марксистичките паразити. Кое што би се превело во намалување/укинување на бројните даноци/давачки, поголема слобода (и повеќе пари) за работниците.

    Овдека се отвора друга тема, што е политички десно/лево (тоа се објаснува преку кривата на дистрибуција), но да не се шири.

    Бидејќи тоа не е случај, ќе мора да се оди по потешкиот пат. Економско/финансиски колапс на социјализмот, исто како со комунизмот претходно. Шансата во 1991 не се искористи, дали ќе се пропушти и наредната шанса??

    За тоа да не се случи, промените треба да почнат од нас самите. Ако во доволен број има борци за слобода, против експлоатацијата на марксистите, промените ќе се случат. Математички пресметано, тој број е некаде околу 40%.

    Треба да знаеме што сакаме, дали капитализам – економија, слобода и работа.

    Или пак социјализам – војни (иницирани од политичката моќ и интерес), експлоатација и присилно одземање.

    Автор: Јованчо Спироски

    *Колумните се лични ставови на авторите и Пари се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично