Солиден паричен надоместок и добри работни услови се сон на секој млад човек. Ако работниот ангажман е „по мерка“ ти си задоволен и твоите цели се постигнати. Младоста носи енергија и доза на безгрижност, но освен солидна плата и добри услови, со забавни колеги, треба веднаш да се информираш и за својата пензиска заштеда. Сите ние кога сме млади не размислуваме за нашата пензија и така пропуштаме можност да обезбедиме солидна основа за сигурни пензионерски денови. Затоа започни веднаш да се информираш за пензискиот систем и за можностите што ги нуди.
Ако на датумот од твоето прво вработување си помлад од 40 години, стануваш член на задолжителен пензиски фонд на два начина:
- Со потпишување на договор со едно од пензиските друштва за членство во задолжителен пензиски фонд и
- Со распределба во задолжителниот пензиски фонд по случаен избор, доколку не потпишеш договор за членство во периодот за избор.
Секој е дизајнер на својата иднина, па затоа навремено информирај се и избери свое пензиско друштво. Сите информации за капитално финансираното пензиско осигурување кои треба да ги знаеш за да си ја дизајнираш иднината по твој крој можеш да ги најдеш на интернет страницата на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС. Затоа кликни и информирај се на: http://mapas.mk/ и на http://penzija.mk/.
Истовремено, пензиските друштва нудат и модерни и брзи апликации каде што можеш во секое време да ги добиеш сите информации и да имаш увид во твоите акумулирани средства. Со постојано следење на средствата на твојата индивидуална сметка, можеш навремено да носиш соодветни одлуки. Доколку не си задоволен од пензиското друштво кое управува со твоите средства, можеш да преминеш во друг задолжителен пензиски фонд што го управува друго пензиско друштво, за кое сметаш дека нуди подобри услови за тебе. Премин од еден во друг задолжителен пензиски фонд е едноставна постапка, а сè што треба да направиш е да потпишеш Договор за премин.
Ако сакаш да штедиш за дополнителен приход по пензионирањето, тогаш пензискиот систем ти нуди опција да станеш член и на некој од доброволните пензиски фондови (трет столб). Во третиот столб имаш право да станеш член ако имаш наполнети 15 години, но не повеќе од 70 години и/или ако твојот работодавач или здружение те вклучи во професионална пензиска шема. Доколку се одлучиш да станеш член на доброволен пензиски фонд, можеш да уплаќаш придонес сам за себе, во твое име и за твоја сметка да уплаќа доброволен придонес трето лице (уплаќач) или за тебе да плаќа работодавач односно финансиер на професионална пензиска шема. Овде важно е да знаеш дека уплаќаш придонеси кога сакаш и колку сакаш.
Сигурно се прашуваш што е тоа професионална пензиска шема? Професионалната пензиска шема ја организира работодавачот каде што си деловно ангажиран, а тој ги одредува условите. Доколку сакаш да дознаеш повеќе информации за професионалните пензиски шеми започни да ги следиш интернет страниците на пензиските друштва и интернет страницата на МАПАС. Посети ги и информирај се навреме.
Тростолбниот пензиски систем нуди вистинска придобивка за граѓаните и од голема важност е навременото информирање уште при засновање на работниот однос.
Информирај се тековно и биди подготвен за твојата иднина!
ПР објава