ПОВЕЌЕ

    САД загрижени поради проруски сајбер-напади: „Примитивната Мечка“ таргетира украински организации

    Време зa читање: 4 минути

    Разузнавачките и националните безбедносни агенции низ американската влада минатата недела разговарале за тоа како администрацијата на Бајден да одговори на сајбер нападите од Русија во услови на украинската криза, изјавија за Си-Ен-Ен тројца американски претставници запознаени со состанокот.

    Состанокот на претставници од Белата куќа, разузнавачките агенции, Одделот за домашна безбедност и други агенции е индикатор колку сериозно администрацијата на Бајден гледа на сајбер просторот како клучен фронт во тензиите поради заканата на Русија повторно да ја нападне Украина.

    Загриженоста на Белата Куќа доаѓа откако познати американски технолошки компании предупредија од можни напади на про-руски хакери. Според истражувањата за сајбер безбедност на Мајкрософт и на Palo Alto Networks, хакерски тим за кој Украина вели дека е контролиран од руското разузнавање, таргетирал широк спектар на организации во Украина. Мајкрософт на 4 февруари соопшти дека од октомври 2021 година група наречена Гамаредон или Примитивна Мечка се обидела да добие чувствителни информации од воени, владини и невладини организации во Украина.

    Извештајот вклучуваше снимка од екранот на еден таков обид, кој покажа е-пошта вградена со злонамерен код, преправен како ажурирање од Светската здравствена организација за пандемијата COVID-19.

    Според Ројтерс, информациите од Мајкрософт дојдоа еден ден откако компанијата за сајбер безбедност Palo Alto Networks соопшти дека Гамаредон нападнал ентитет на западната влада во Украина во јануари. Во извештајот не се наведува името на ентитетот, а претставник на компанијата одбил да коментира дополнително.

    Гамаредон е една од најактивните постоечки напредни постојани закани насочени кон Украина“, се вели во извештајот на Пало Алто. „Со оглед на чекорите и прецизноста со која била направена оваа кампања, се чини дека ова е конкретен, намерен обид“ насочен кон „организација на западната влада“, рече портпаролот на мрежата Пало Алто во соопштението.

    Едно прашање што беше покренато беше можноста за зголемување на нападите со откупни софтвери врз американски компании од криминални банди кои зборуваат руски, рекоа двајца од официјалните лица. Друга точка на дискусија беше како САД можат да обезбедат помош за сајбер безбедноста на Украина, чија влада се соочи со низа сајбер напади во средината на јануари, рекоа двајца американски претставници.

    Постои „специфична, веродостојна закана“ за украинската инфраструктура во моментов, но не и за американската инфраструктура, изјави за Си-Ен-Ен висок американски владин функционер.

    Меѓуагенцискиот состанок доаѓа кога американските официјални лица ги повикаа компаниите да бидат во состојба на висока готовност поради хакерските закани од Русија, а ФБИ истражува сомнителни компании.

    Нападите на откупни софтвери (ransomware) од хакери кои зборуваат руски ги загрозија американските компании за критична инфраструктура во изминатата година, вклучувајќи го и инцидентот минатата година што го принуди големиот американски транспортер на гориво Colonial Pipeline да затвори со денови, јавува Си-Ен-Ен.

    Русија досега не ги сузбивала сајбер-криминалците кои оперираат од нејзина почва – сè додека хакерите ги остават руските организации на мира. Но, во последниве недели руските власти, исто така, презедоа редок чекор за апсење на сајбер-криминалци од висок профил, тврди Си-Ен-Ен. Претставници на Белата Куќа веруваат дека домашната разузнавачка агенција на Русија во јануари го уапсила лицето одговорно за сајбер-нападот врз американската компанија Colonial Pipeline во април минатата година.

    Соединетите Американски држави и другите сојузници испратија воени советници и експерти за сајбер безбедност во Украина во последните месеци за да помогнат во одбраната од хакери.

    Односите меѓу западните земји и Русија и натаму се заострени поради тоа што Русија распореди повеќе од 100.000 војници во близина на границата со Украина, што предизвикува страв од војна. Иако негираше дека планира инвазија, Русија бара сеопфатни безбедносни гаранции, вклучително и ветување дека НАТО никогаш нема да ја прими Украина за своја членка.

    Украинската служба за безбедност (СБУ) во ноември соопшти дека тим од офицери на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) со седиште на Крим стои зад Гамаредон. Киев претходно ја обвини Москва за организирање големи сајбер напади како дел од „хибридната војна“ против Украина, но официјален Кремљ тоа го негираше.

    СБУ во март минатата година година соопшти дека спречила сајбер напад од големи размери од руски хакери насочени кон доверливи владини податоци.

    Како што наведува Ројтерс, НАТО засега не ги коментира тврдењата на на Мајкрософт и Пало Алто Нетворкс, а молк доаѓа и од руската амбасада во Вашингтон на барањето за коментар за Гамаредон или Примитивната Мечка.

    Службеникот за сајбер безбедноста на Белата куќа, Ен Нојбергер, на 2 февруари рече дека е можно Русија да користи сајбер напади како дел од нејзините напори за дестабилизација и понатамошна инвазија на Украина. „Ние предупредуваме со недели и месеци, и јавно и приватно“ за потенцијални напади, рече Нојбергер за време на посетата на нејзините европски колеги.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично