Финтек индустријата ќе биде новата нормала. Работењето на финтек компаниите ја зголемува конкуренцијата и поттикнува иновации во рамките на традиционалните даватели на финансиски услуги.
Во организација на Асоцијацијата на финансиски друштва на Северна Македонија денеска се одржа презентација на резултатите од третото годишно истражување за индустријата на финансиските друштва. Истражувањето беше спроведено во текот на месец ноември и декември 2021 година од страна на Маја Кадиевска – Војновиќ – финансиски експерт, поранешен вицегувернер задолжен за Секторот на операции на финансиски пазари и платни системи и тековно, предавач на Универзитетот Американ Колеџ Скопје и проф. д-р Марко Андонов, Правен експерт, редовен професор на Факултетот за правни науки при Универзитетот Американ Колеџ Скопје, почесен Конзул на Грузија. Истражувањето опфати финансиска анализа на секторот на небанкарските финансиски друштва согласно податоците достапни од НБРМ и преглед на регулативата.
И покрај влијанието на кризата предизвикана од пандемијата со Ковид-19, вкупните средства на финансиските друштва забележаа двоцифрен годишен раст од 14,7% во 2020 година. Овој раст е четврт по големина во рамки на домашниот финансиски систем, односно следи по растот на средствата на друштвата за управување со инвестициски фондови, на задолжителните пензиски фондови и на доброволните пензиски фондови. Зголемувањето на активата на финансиските друштва се должи на продолжената кредитна поддршка на приватниот сектор и во услови на пандемија.
„Така, растот на кредитите на небанкарските финансиски институции (НБФИ) во кои се вклучени покрај финансиските друштва, лизинг компаниите и штедилниците, го надмина растот на кредитите на банките на приватниот сектор. Годишниот раст на кредитите на приватниот сектор од НБФИ изнесуваше 13,5%, додека на банките 4%. Финансиските друштва имаа годишен раст од 13,2%, што е успорен раст во однос на растот од 2019 година, но сепак, и понатаму е двоцифрен. Ова укажува на понатамошен придонес во зголемување на степенот на финансиска интермедијација од страна на овој мал, но значаен сегмент од кредитниот пазар“, изјави Кадиевска – Војновиќ.
Сепак, учеството на средствата на финансиските друштва во рамки на вкупните средства на финансискиот сектор во 2020 година се задржа речиси непроменето на 0,6%, но бројот на финансиските друштва се зголеми од 27 на 30, со што истите се најбројни, по осигурителните брокерски друштва.
Кадиевска – Војновиќ посочи дека 79% од вредноста на активните договори на кредитите на финасиските друштва се со физички лица. Генерално, кредитите се во денари, а просечна вредност на договорите за физичките лица во 2020 г. изнесуваше околу 280 евра во денарска противвредност.
„Во текот на 2020 година, бројот на клиенти физички лица се зголемени за околу 16.000, со што бројката на клиенти физички лица се искачи над 115.000 лица (од околу 14.000 во 2015 година). Оперирањето на дел од финансиските друштва како финтек во кредитирањето јасно ја покажува потребата за понатамошна поддршка на финтекот во домашната економија. Зошто? Затоа што финтекот ја зголемува финансиската инклузија и овозможува лесен пристап до финансиски услуги. Така, лесниот пристап до кредити преку интернет, современиот начин на аплицирање за кредити преку интернет, лесните процедури на одобрување на кредитите ја зголемуваат финансиска инклузија во нашата земја. Финасиските друштва излегуваат во пресрет на дел од населението коешто има потреба од кредитирање, а коешто нема пристап до традиционалните обезбедувачи на кредити. На ваков начин се зголемува финансиската вклученост на одделни слоеви на населението, се поддржува нивната куповна моќ, особено сега во услови на економска криза. “
Осврнувајќи се на најновите трендови кај финансиските друштва во 2021 година, Кадиевска – Војновиќ истакна дека во текот на 2021 година позначајно се зголемува учество на средствата на финансиските друштва во вкупните средства на финансискиот сектор и тоа од 0,6% на крајот на 2020 година, на 0,8% на крајот на третото тримесечје од 2021 година. “Ова се должи на забрзаното кредитирање на физичките лица и тоа со високи двоцифрени стапки на раст. Во второто и третото тримесечје на 2021 година кредитите на физичките лица бележат годишен раст од околу 50% и 60%, соодветно. Ваквиот тренд покажува дека финансиските друштва имаат значајна улога во одржување на куповната моќ на населението и со тоа помагаат во заздравувањето на економијата” – заклучи Кадиевска – Војновиќ.
Во вториот дел од презентацијата, проф. д-р Марко Андонов ги претстави значајните предизвици на регулаторната рамка за финансиските друштва во Република Македонија.
Како воведни забелешки, Андонов посочи дека има потреба од креирање на конзистентна и усогласена регулатива во однос на работењето на банкарските и небанкарските финансиски институции, како и надградба на регулаторната рамка до ниво кое ќе ги поддржува во целост иновациите предводени од финансиска технологија, што во моментот се цени како поле за осврт. Воедно, Андонов посочи дека недостига и единствен, унифициран пристап во спроведувањето на регулативата. Меѓу другото, посочи дека постои неусогласеност на прописите во иста област.
Во однос на даночно – правниот третман на трошоците за исправка на вредноста на ненаплатените побарувања кај финансиските друштва, проф. д-р Андонов прикажа дека Законот за данок на добивка прави исклучок само за исправка на вредноста на ненаплатените побарувања кај банките, штедилниците и осигурителните друштва, но не и за небанкарските финансиски друштва, а исправката на вредноста на побарувањата од кредити кај финансиските друштва треба да биде даночно признат расход. Во овој случај ја истакна соседна Бугарија како позитивен пример.
„Кога станува збор за Финансиските друштва низ призмата на платниот промет, потребно е да се воспостави соодветен механизам и канали на соработка помеѓу Министерството за финансии и НБРСМ, како поефикасен и посоодветен процес на давање на дозволи за работа на финансиските друштва, посебно во постапката за дозвола по Законот за платен промет.“, изјави проф. д-р Марко Андонов.
Како позначајни предлози за измени и дополнувања на Законот за финансиски друштва ги истакна: зајакнување на регулаторните барања и стандарди кои треба да ги исполнуваат финансиските друштва, доуредување на факторингот, задолжителното формирање на кредитен одбор, како и одбор за ризици, ограничување на надоместоците кои може да ги наплаќаат финансиските друштва. Исто така, препорача дека законодавецот треба дополнително да ги анализира состојбите во наведениот контекст и да заземе реално, издржано и фер становиште.
За крај, Андонов заклучи дека потребно е да се воспостават соодветен механизам и канали на соработка помеѓу Министерството за финансии и НБРСМ – во процесите на давање на дозволите за работа на финансиските друштва, како и да се преиспита делот од нацрт законот кој се однесува на ограничување на надоместоците кои може да ги наплаќаат финансиските друштва со цел да не се дерогира уставниот концепт (темелната вредност на уставниот поредок) за слобода на пазарот и претприемништвото бидејќи овие измени директно влијаат врз ограничување на економската слобода и конкурентност на пазарот.
Асоцијацијата на Финансиски Друштва на Македонија ги соединува компаниите за финансиска технологија, исто така позната како FinTech, давајќи финансиски услуги на жителите на Северна Македонија.
Мисија на асоцијацијата e да се создаде одговорна пракса, со цел долгорочна соработка и позитивна оценка од страна на потрошувачите и институциите за регулирање на пазарот, истовремено објаснувајќи ги на пошироката јавност различните можности што може да ги обезбедат финансиските друштва кои користат FinTech за развој на поединци и на општеството како целина.