Сојузот на стопански комори на Македонија е одликуван со Плакета за успешна соработка од Царинската управа по повод одбележување на 30 години од нејзиното основање. Во име на Сојузот, Плакетата ја прими потпретседателот Габриела Кулабанова на свечен настан на кој присуствуваа високи претставници на државните институции, амбасадите и меѓународните институции и на бизнис заедницата.
Ова признание е уште една потврда за успешната соработка на Сојузот на стопански комори со институциите, во која тој активно се вклучува како промотор во поттикнување и креирање на нови економски програми и политики кои треба да создадат подобро деловно окружување за развој на бизнисите и да поттикнат економски раст и развој.
„Истакнуваме благодарност за досегашната соработка, во која преку конструктивен дијалог, доставување на издржани предлози и непречена комуникација успеавме да премостиме дел од предизвиците со кои се соочуваат деловните субјекти во секојдневното работење поврзани со работењето на Царинската управа. На доделувањето на Плакетата гледаме како на потврда за успехот што заеднички сме го постигнале и поттик и во наредниот период да продолжиме со подобра динамика со партнерски однос да создаваме подобро деловно окружување преку имплементација на предлозите кои Сојузот ги доставува во континуитет. Ние знаеме што им е потребно на бизнисите, а Царинската управа ги има на располагање механизмите за промени, затоа веруваме дека заедничката соработка е клуч за успех”, истакна Кулебанова.
Сојузот на стопански комори на Македонија остварува долготрајна соработка со Царинската управа во рамките преку учество и реализација на многубројни заеднички проекти и иницијативи. Во периодот на кризата беа реализирани низа он-лајн настани и обуки преку кои се обезбеди конституираност во достапноста на неопходните информации до компаниите. Сојузот секогаш истакнува забелешки по доставени правни акти кои се во фаза на подготовка поврзани со царинското работење, а веќе подолго време е вклучен во иницијативата за измена на Царинскиот тарифник.
Сојузот во континуитет истакнува дека дијалогот и партнерството со државните институции и бизнис-заедницата е начин на кој се обезбедуваат системски реформски процеси кои даваат вистински резултати. Предлозите од бизнис-заедницата треба да разгледуваат и да бидат прифатени за создавање на услови и деловен амбиент за работа, раст на инвестиции и на севкупната економија. Во 2020 години Сојузот е добитник и на Признание од Генералниот секретар на Светската царинска организација, Кунио Микурија, по повод одбележување на Меѓународниот ден на царината.