Носењето на историски важни одлуки никогаш не е лесно и за оние кои ги носат, но и за тие кои ги очекуваат. Во случајот Еуростандард Банка секое одложување на одлуката значи и продолжување на гологотата на над 3000 семејства.
Ние, оштетените физички и правни лица од Еуростандард банка, повторно сме разочарани. Но, не се обесхрабруваме и предаваме бидејќи длабоко сме убедени дека правдата е на наша страна, и дека таа мора да го најде својот пат. Седницата на Уставниот Суд, која требаше да се одржи денес и на која требаше да се одлучува по иницијативата за поведување на постапка за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки, повторно е одложена. Овојпат на неопределено време. Причина за одлагањето, според официјалното соопштение на Уставниот Суд, е состојбата со ширењето на корона вирусот.
Согледувајќи ги настаните по хронолошки ред кои претходеа на оваа веќе одложена седница, не можеме а да не поставиме едно многу битно прашање, а тоа е Дали позади сите одлагања на донесување на одлуката постои всушност вистински притисок врз судиите кои ја поддржуваат иницијативата да го променат своето мислење.
Имено, иницијатива за укинување на членот 163 став 3 од Закон за банки , повторно беше ставена на дневен ред како втора точка од шест точки на последната седница која се одржа на 25 март 2021 година. На таа седница се случи пресвртот кога повторно почна дискусија за точката, и на таа дискусија од страна на еден од судиите кој претходно гласаше против, Д-р Осман Кадриу го промени својот претходен став во врска со иницијативата и практично ја најави пресвртницата за решавање на оваа неправда врз штедачите. Потоа требаше да следи гласање и донесување нова одлука и доколку тоа се направеше резултатот ќе беше пет судии за прифаќање и три судии против прифаќање на иницијативата, но пред да се случи тоа судијата Претседател Сали Мурати ја прекина седницата со наведување на причина дека мора да оди на состанок кој претходно го најавил, по што истата се одложи не за една недела како што е пракса, туку за две недели или 7ми Април.
За да стане сомнежот уште поголем, новозакажаната седница се одложи повторно, овојпат на неопределено време и тоа еден ден пред закажаната дата. Официјална причина за одложувањето овојпат е ширењето на корона вирусот и новите мерки кои сепак не ја одложија работата на другите институции во државата слични на оваа.
Имаме разбирање за стравот што кај судиите во Уставниот Суд го носи опасноста од ширењето на коронавирусот. Затоа, на сите им посакуваме добро здравје. Очекуваме дека сепак ќе најдат можност и време најитно да заседаваат и да ја продолжат прекинатата седница. Имено, поради специфичноста на материјата која е предмет на одлучување (член 163 став 3 од Законот за банки), голем е интересот на јавноста за одлуката што ќе ја донесе судот. Засегнати се повеќе страни, не само ние како оштетени. Ние секако сме најзасегнати, бидејќи ние, на сред пандемија, не само што сме засегнати од ширењето на коронавирусот, туку оставени сме без средства кои се заробени во бакната што отиде во стечај. Затоа, како што ние имаме разбирање за нив, очекуваме дека и уставните судии ќе имаат разбирање за нас и што поитно ќе ја продолжат седницата. За живот се работи.
Одлуката на Уставниот Суд има влијание не само за нас како оштетени физички и правни лица, туку и на враќање на вербата во правната држава, што во голема мера може да има влијание на стабилноста на економскиот и банкарскиот систем во целина. Во услови кога постојат многубројни странични удари кои можат да ја поткопаат стабилноста на монетарната власт во државата, единствено вербата во правната држава може да ја одржи стабилноста. Единствен кој тоа може да го направи во моментов е Устаниот Суд. Од него зависи дали ќе биде поткопана или стабилизирана финансиската одржливост на банкарскиот сектор како целина. Но, повторуваме, финансиската одржливост на банкарскиот сектор е во директна релација со правото и правдата, и само така тој може да се одржи. Вербата на граѓаните и фирмите (читај: оштетените) во тој систем и во правната држава како негов гарант може да го одржи стабилен, се друго е проекција која нема основа во уставот и законите. Тоа што нема основа во уставот и законите, не може да произведе долгорочна стабилност, или понаку кажано, од неправо не може да се создаде право.
Затоа, почитувани судии на Уставниот Суд, очекуваме дека, согласно протоколите за заштита од коронавирусот, што ПОИТНО ќе се состанете и ќе ја продолжите прекината седница. Со тоа, ќе докажете дека сепак вербата во правната држава ќе го стабилизира системот наспроти неправдата (неправото) која ни е нанесена, се вели во соопштението на Здружението на оштетени штедачи од Еуростандард банка.