Галичката свадба е значаен дел од македонското културно наследство, а вековно старите стилски куќи се заштитени со закон. Но, ИРЛ открива институционални напори насочени кон тоа да го приватизираат и да го комерцијализираат галичкото културно наследство. Позната како „Куќата на зетот“, Вила Доста, која ја поседува државата, е во опасност. На барање на месната заедница Галичник, во дубиозни процеси општината одобрила трансформација на сопственоста на објект којшто го поседува самата држава, додека задругата имала само право да го користи. Така, општината ја дала „Куќата на зетот“ на селска задруга, која е во стечај. Стечајниот управник решил да го продаде објектот и го ставил на електронска аукција. Оттогаш наваму, месната заедница Галичник се бори со локалните и со националните институции да ја спречи приватизацијата на Вила Доста и на овој значаен македонски културен печат.
Галичник е едно од најстарите села во Мијачкиот Регион, област во западниот дел на Македонија, под административна закрила на Општина Маврово и Ростуше.
Сместени на стрмните страни на планината Бистра, првите селски населби датираат од десеттиот век. Благословен со обилни води и зелена шума, во 19 век Галичник прераснал во општествено значајна заедница и регионален економски центар. Денес селото има само тројца постојани жители, но е популарно место за викенд за многу други кои поседуваат втори домови или коишто сакаат да го поминат своето време во романтичното историско планинско селце.
Како последица на Балканските војни, на почетокот на 20 век почнува првиот бран масовна емиграција од селото. Едно од семејствата кои заминале да си ја побараат среќата во Романија е она на Аритон Лоновски. Но, длабоките врски што ги чувствуваат со земјата на нивните корени прави редовно да му се навраќаат на Галичник. При една од тие посети во 1930 година, Аритон Лоновски ќе одлучи да изгради мала болница во селото, со цел да им помогне на своите земјаци во тешките и сиромашни времиња. Жителите на Галичник сами ќе помагаат да се изгради куќата за чии трошоци ќе плати Лоновски. Во чест на неговата рано почината сопруга Доста, која тој многу ја сакал, објектот ќе биде именуван по неа.
„Мојот дедо даде златник за градбата. Секој селанец донирал, сите помогнале“, вели Кимо Чавдар, професор по право на Американскиот колеџ во Скопје, родум од Галичник.
Со главната донација на Лоновски и дополнителната помош во пари и услуги на селаните, објектот е конечно завршен по Втората светска војна и никогаш не бил користен како болница, Но, останало името Вила Доста – подарокот на Аритон Лоновски за неговите соселани, за вечно паметење на неговата љубов – Доста Лоновска.
Клучниот објект за изведба на манифестацијата Галичка свадба, Куќата на зетот – Вила Доста; Фото: ИРЛ
Според селаните, куќата е регистрирана како државна сопственост во 1945 година. Но, бидејќи некој мора да се грижи за објектот, правото на управување државата во тоа време го доделувала на постоечките локални организации, во случајов, тоа била земјоделската задруга „Бистра“ од Галичник, вели професорот Чавдар.
Во 1962 година, галичани ќе одлучат дека е вистинско време за оживување на регионот. На 12 јули, на празникот Петровден, тие започнуваат нова традиција – Фестивалот Галичка свадба. Низ годините настанот ќе стане меѓународно признат, а Вила Доста ќе стане препознатлив симбол на селото или куќата од чијашто тераса се испукуваат трите куршуми што го означуваат почетокот на фестивалот. Потоа зетот, придружуван од звуците на националните инструменти зурли и тапани, излегува од Вила Доста, популарно наречена „Куќата на зетот“, и ита да ја земе својата сакана за жена.
На надморска височина од 1300 метри, Галичник е далеку од Маврово, каде што агресивната урбанизација го уништи крајбрежјето на Мавровското Езеро и драматично го промени околниот пејзаж.
Дел од планинскиот релјеф на Галичник кој шест месеци во годината не е достапен поради тоа што локалната самоуправа нема обезбедено пристапен пат до природните убавини на селото; Фото: ИРЛ
Се чини дека самото село не ги привлекува поп-ѕвездите, бизнисмените или политичарите, кои преферирале да купат или да градат на локациите со поглед на езерото. Како резултат на тоа, локалната заедница во Галичник не ни помислуваше дека ќе мора да се бори за зачувување на богатата историја на Вила Доста, која сега е изложена на ризик да биде продадена на стечајна аукција и да биде ставена во приватна сопственост.
„Не можам да разберам дека мора да се бориме со Владата за да го зачуваме ова културно обележје. Но, кога размислувам за тоа во каква земја живееме, не сум баш зачуден. Ако ја изгубиме оваа куќа, тоа би било вистински пораз за сите нас“, вели Огнен Караѓозовски, младоженецот кој учествуваше на Галичкиот фестивал на свадби во 2019 година.
Традиција на аукција
Организиран од месната заедница Галичник, Галичкиот фестивал на свадби е важно парче од македонската култура чија цел е да ги зачува старите обичаи, фолклор и традиции.
Здружението ги одбројува деновите до големиот настан што се одржува секоја година помеѓу 15 и 17 јули. Претседателот на месната заедница Галичник, Александар Костиќ, реши да им се обрати на новинарите во ИРЛ со надеж дека алармот во јавноста ќе помогне да се тргне опасноста од приватизацијата на „Куќата на младоженецот“ – закана за повеќедецениска јавна традиција.
Членовите-волонтери од манифестацијата Галичка свадба ги подготвуваат ковчезите со облека за двојката којашто годинава ќе се венча на традиционален начин на претстојниот фестивал; Фото: ИРЛ
Месната заедница на Галичник за постапката дознала сосема случајно, кога на интернет виделе дека Вила Доста, која функционира како музеј, е ставена на продажба на владиниот портал за електронски аукции.
„Да не забележевме дека е на аукција на интернет и да не преземевме драстични мерки, веројатно веќе куќата ќе беше продадена за евтини пари“, рече Александар Костиќ, претседател на Здружението на месната заедница.
Никој од месната заедница Галичник не знаел за лицитацијата освен поранешниот претседател Митре Ажиевски. Без никој да знае, тој во март 2016 година ја доставил потребната документација за приватизација на Вила Доста до Општина Маврово и Ростуше, со напомена дека е тоа музеј. Десет месеци подоцна, во јануари 2017 година, Ажиевски потпишал изјава со којашто сопственоста на Вила Доста ја пренесува на земјоделската задруга „Русин“, која, пак, уште од 2014 година е во стечај.
На 15 мај 2017, општината ќе одлучи позитивно по барањето на Ажиевски и ќе издаде наредба Вила Доста да ѝ биде предадена на земјоделската задруга во стечај „Русин“, како нејзин нов сопственик. Бидејќи задругата веќе е во стечајна постапка, со нејзиниот имот управува стечајниот директор Мирослав Анастасиевски, назначен од судијата Реџеп Асани од локалниот граѓански суд од Гостивар. Па така, Вила Доста станува имот во стечајна постапка за чијашто судбина одлучува стечаен управник.
Кон крајот на истата година, на 21 декември, стечајниот управник ќе одлучи да ја продаде Вила Доста. Во објавата подготвена за електронска аукција, Анастасиевски ќе наведе дека продава недвижен имот од 338 метри квадратни, со проценета вредност од 63.118 евра. Анастасиевски вели дека не добил понуди. Поранешниот претседател на месната заедница Галичник, Митре Ажиевски, за новинарите на ИРЛ изјави дека е свесен за културното значење на Вила Доста. Запрашан како воопшто се сетил да ја менува сопственоста на Вила Доста, Ажиевски даде нелогични одговори. Првично тврдеше дека сакал да ја префрли куќата на месната заедница од Галичник за да ја заштити од приватизација, но подоцна се премислил.
„Имотот бил на земјоделската задруга ‘Бистра’, чиј правен наследник е земјоделската задруга ‘Русин’ “, изјави тој.
Но, документите од регистрациските влошки го покажуваат спротивното – дека имотот бил и останува во сопственост на Владата.
„На почетокот само сакав да го легализирам на име на месната заедница Галичник, но под притисок на стечајниот управник Мирослав Анастасиевски, бев принуден да побарам од општината да го трансформира во сопственост на земјоделската задруга ‘Русин’ “, рече Ажиевски.
Земјоделската задруга „Бистра“ е формирана во 1974 година, но во 2003 година дел од членовите ќе одлучат да го променат името во земјоделска задруга „Русин“.
Набргу по промената на името, задругата почнува да пропаѓа..
Продолжи со читање на ИРЛ.