Девизниот курс на денарот е стабилен и нема промени во неговото ниво. Онлајн-платформите коишто се коментираа во објави на социјалните мрежи во текот на вчерашниот ден, не се релевантен извор за следење на вредноста на домашната валута. Објавите на овие онлајн-платформи не произлегуваат од реално тргување со валути и не ја прикажуваат вредноста по која странските валути се купуваат на домашниот пазар, односно кај банките и менувачниците.
Единствен релевантен извор на информации според којшто може да се следи девизниот курс на денарот е курсната листа што ние како централна банка ја објавуваме на нашата веб-страница – www.nbrm.mk. Таа ги отсликува цените на валутите од реалните тргувања на домашниот девизен пазар.
На курсната листа којашто е во важност и во моментов, средниот курс на еврото во денари изнесува 61,69 денари.
Како што имаме посочено и претходно – ние располагаме со низа инструменти со коишто гарантираме дека девизниот курс на денарот во однос на еврото ќе остане стабилен. Потсетуваме дека девизните резерви коишто се клучни за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута се на високо ниво, и тоа двојно повисоко од пред глобалната економска криза во 2008 година.
Можете да бидете спокојни. Стабилноста на курсот била, е и ќе остане наш приоритет. Ние гарантираме дека денарот е и ќе остане стабилен!