ПОВЕЌЕ

    Народната банка го објави конкурсот за Годишната награда за млади истражувачи за 2022 година

    Време зa читање: 3 минути

    Народната банка го објави конкурсот за Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2022 година. Наградата се доделува заради поттикнување на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи, како и афирмација на млади и стручни кадри.

    Кој може да учествува?

    Право за учество на Конкурсот имаат државјаните на Република Македнонија на возраст до 35 години. Вработените во Народната банка и членовите на Советот на Народната банка немаат право на учество на Конкурсот.

    Што треба да содржи трудот со којшто се конкурира?

    Tрудот треба задолжително да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. Трудот не смее да надминува 80.000 карактери со празните места (без фуснотите, прилозите, графиконите, табелите, апстрактот, библиографијата, анексите) и препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување, коешто ги содржи следниве основни делови:

    • апстракт, како и назначување на областа на истражување според стандардната класификација (Journal of Economic Literature – JEL);
    • осврт на консултираната литература од областа којашто се истражува;
    • опис на методите на истражување коишто се користат во трудот;
    • анализа;
    • заклучни согледувања и
    • библиографија.

    Дали може да се конкурира и со труд којшто веќе бил објавен?

    Авторите имаат право да конкурираат на Конкурсот за избор на најдобар труд и со труд коишто веќе бил објавен, но не пред 1 јануари 2020 година. При поднесувањето труд којшто веќе бил објавен, авторот треба да наведе кога и каде бил објавен трудот.

    Како и каде се поднесуваат трудовите?

    Трудовите се поднесуваат до Народната банка со назнака: „За Годишната награда на Народната банка на Република Македонија“, по електронски пат, во формат „word“, на е-адресата: [email protected]. Покрај трудот, авторот треба да достави и биографски податоци. Доставените трудови ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер.

    Еден автор има право да поднесе само еден труд. Трудовите се поднесуваат на македонски, албански или на англиски јазик.

    Кој го врши изборот на најдобар труд?

    Изборот на најдобар труд го врши Одборот за оценување, кој се состои од тројца членови, од кои најмалку еден е лице кое не е вработено во Народната банка.

    Гувернерот на Народната банка ги назначува претседателот и членовите на Одборот за оценување, со решение коешто ќе се објави на интернет-страницата на Народната банка. Одборот за оценување го врши изборот на најдобар труд анонимно, без притоа да поседува информации за имињата на авторите и нивните биографии.

    Според кои критериуми ќе се вреднуваат трудовите?

    • Релевантност на истражуваното подрачје за македонскиот случај;
    • Соодветност на освртот на литературата од анализираното подрачје;
    • Јасност во дефинирањето на проблемот и на целите на истражувањето;
    • Соодветност на описот на контекстот и информациите (соодветност на анализата на трендовите во анализираното подрачје во Република Македонија);
    • Соодветност на користениот статистичко-економетриски пристап;
    • Конзистентност и логичност на тезите во трудот;
    • Заклучоци и препораки и нивната соодветност.

    Кој е крајниот рок за доставување на трудовите?

    Краен рок за доставување на трудовите е 1 февруари 2022 година.

    Од што се состои Годишната награда?

    Наградата е во парична форма, којашто за првонаградениот труд изнесува 100.000 денари, додека втората награда изнесува 50.000 денари.

    Каде е објавен конкурсот?

    Конкурсот е објавен на веб-страницата на Народната банка.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично