Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати од денешниот народен митинг во Кичево, во рамки на изборната кампања за локалните избори 2025 година, со слоган ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!
,,Сега мора да застанеме еден до друг, сите заедно еден до друг, без разлика на нашата етничка, партиска или верска припадност. Сложно, затоа што кичевчани, без разлика дали се тоа Македонци, Албанци или останати се иселуваат. И едните, и другите и третите. Сите имаат тежок живот, сите сакаат иднина”, истакна Мицкоски.
,,Има луѓе кои изградија кариери на етнички теми, цели партии се одржуваат на бранот на едно вештачко непријателство и нетрпеливост, која се гради помеѓу кичевчани. И знам дека кога вака ќе ги соочите со вистината во очи, многу тешко е да ве погледаат во очи, но и сите ние и сите вие не треба да наседнуваме на стапицата на дневните партиски препукувања, на романтичарските идеи кои не носат храна на трпезата и подобар живот. И тие кои постојано го прават ова, нема да имаат среќа ако нивниот народ е несреќен”, кажа Мицкоски.
Мицкоски истакна дека додека Али Ахмети и неговите соработници се богателе, народот страдаше и се раселуваше. Според него, Ахмети не успеал да обезбеди просперитет за сите.
,,Што ќе му е Зајас на Али ако тоа е празно? Нема радост ниту во палатите, ниту во дворците, ако преку оградата народот и соседите ти се гладни и раселени”, рече Мицкоски и додаде:
,,Тоа го направи тој за Албанците. Ги испразни нивните места, села, градови, ги расели после 20 години владеење тука. Додека тој и неговите блиски се богатеа, народот страдаше и тонеше во сиромаштија. Затоа, слушнавте дека докторот Александар има проекти за сите. И за Албанците, и за Македонците, и за Турците, и за Македонците муслимани, и за Ромите, и за Власите, и за Бошњаците и за сите останати. Буквално за секој еден кичевчанец. За сите ќе правиме и планираме проекти”.
Мицкоски повикa на заеднички одговор од сите против нечесноста и поделбите, нагласувајќи итност за резултати, дела и единство.
,,На нечесноста од ДУИ ќе одговориме сложно, сите кичевчани. Утре, ако некој и од нашите редови постапи погрешно, исто ќе ве повикам да се обединиме против тоа. Немаме време веќе за грешки, пропусти и губење време. Мора резултати. Мора дела. Мора заедништво. Само така победите се можни и тие се на дофат. Поделбите одат во прилог на тие што не ѝ сакаат добро на земјата, на граѓаните, и на тие што ја злоупотребуваат нивната доверба”, заклучи Мицкоски.