Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на митингот во Центар, во рамки на кампањата за локалните избори на 19 октомври, која е под слоганот Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! Твојата иднина! се осврна на политичките противници и истакна дека народот ќе ги порази на овие избори а на митинзите на СДС дури и нивните пратеници не им доаѓаат, Венко Филипче и Заев се сами.
„Вчера нашите противници беа тука, освен тоа што кажаа дека ќе не направеле салата, на изборите, друго не понудија. Заев нудеше живот и ајро, а Венко среќа и салата. А вистината е дека ниту среќа ќе донесат, ниту салата ќе не направат. И знам дека зад тоа простодушно храбрење на сопствените митинзи, се крие огромен страв од поразот кој го чека, но еве да му соопштам на Венко дека народот салата нив ќе ги направи на овие локални избори. И разбирате дека СДС е партија на проблеми, го оставиле Венко сам да ја трга маката која сам си ја прифати и создаде, и товарот кој сам си го впрегна на грбот. Впрочем, тој, а да не кажам и Заев и неговиот струмички гуру, ја управуваат СДСМ, но е јасно дека Венко покрај помошта на неговиот гуру, ако воопшто може да се нарече некаква помош, од друго нема. На неговите митинзи со лупа не можете да најдете некој пратеник од неговата пратеничка група во Собранието, не можете да најдете ниту некој друг висок функционер, затоа што бродот кој тоне сите го напуштаат, а СДСМ со овие луѓе на чело одамна е во стечај. А таму се затоа што не извлекоа поука од ниту една работа што ѝ ја направија на Македонија. Нереформирани и во целосна безидејност. Никаква промена не направија” нагласи Мицкоски.
Мицкоски истакна дека СДС се нереформирани и се истите тие луѓе кои виткаа кичма и потпишаа капитулација со Бугарија.
„Тие се истите луѓе кои виткаа кичма на секое прашање важно за државата, истите луѓе што потпишаа капитулација каде и да стигнат за пуста власт. И не за џабе токму Венко и неговиот гуру се македонските политичари со највисок рејтинг во Бугарија, затоа што реченицата што еден бугарски политичар ми ја кажа во четири очи, „ас сам платил”, е реченицата што ја објаснува секоја попустливост на Венко и СДСМ во однос на ова прашање. И затоа денеска матат некакви црвени линии кои се убаво запакуван поклон за Бугарија, и затоа не одговараат на просто и едноставно прашање, ако капитулацијата пред нашиот источен сосед бил најдобриот предлог што го штити идентитетот, како што тие тврдеа, тогаш зошто се црвени линии?
Јасно е дека црвените линии им требаат за нови отстапки и ново предавство, тие и сите треба да знаат, нема никогаш да дозволам да се случи била каква отстапка додека јас ја имам одговорноста да ја водам Владата а притоа македонскиот народ и Македонија да не добијат реципроцитет” заклучи Мицкоски.