Министерството за финансии денес треба да врати 166,4 милиони евра по основ доспеани долгови и тоа 155 милиони евра за втората рата на ПБГ заемот земен 2013 година и 700 милиони денари по основ издадени државни хартии од вредност.
Годинaва треба да се отплатат стари долгови во износ од 702,7 милиони евра, од кои кон надвор, односно надворешен долг – 437, 8 милиони евра и домашен долг од 264,9 милиони евра.
Покрај ПБГ заемот, во декември треба да се отплати останатиот дел од еврообврзницата од 2015 година во износ од 180 милиони евра со каматна стапка од 4,9%. Вкупната вредност на еврообврзницата издадена во 2015 година е 270 милиони евра, од кои во 2018 година со издавањето на еврообврзницата со најниска камата досега од 2,75%, беа рефинансирани 92 милиони евра од еврообврзницата од 2015, или за првпат беше предвреме отплатена која било од еврообврзниците и воедно намален товарот за отплата во 2020 година.
Јавниот долг е стабилизиран. Ако во 2016 година тој изнесувал 48,8%, согласно последната состојба, јавниот долг изнесува 47,7% и тоа со вклучен негарантиран долг (околу 0,3 п.п), кој порано не бил вкалкулиран. Стабилизацијата на јавниот долг се должи на прудентна политика која ги таргетира компонентите кои го креираат долгот: 1. буџетскиот дефицит – преку постепена консолидација и 2. сервисирањето на старите долгови.