ПОВЕЌЕ

    МБА и ФИТР потпишаа меморандум за соработка – една од целите е олеснет пристап до финансиски средства за домашните компании

    Време зa читање: 4 минути
    Македонската банкарска асоцијација и Фондот за иновации и технолошки развој денес потпишаа Меморандум за соработка преку кој двете институции се обврзуваат заеднички да работат на олеснување и зголемување на пристапот до финансиски средства за домашните компании, организирање заеднички едукативни и промотивни настани со цел зголемување на финансиската писменост кај компаниите.

    Целта на овој документ е поттикнување и афирмација на активностите од заеднички интерес за МБА и ФИТР, промовирање на можностите за финансирање и олеснување на пристапот до финансиски средства за микро, мали и средни претпријатија и старт-ап компании, промовирање на иновациите и технолошкиот развој во земјата, како и промоција на економскиот раст и одржлив развој преку поттикнување на претприемничката култура.

    Меѓусебната соработка на двете институции ќе се реализира во различни области од делокругот на нивната работа, а посебно внимание ќе се посвети на идентификација на компании што аплицирале на повиците на Фондот, а не добила финансиска поддршка, со цел овозможување услови за добивање финансиска средства од страна на банките кои се членови на МБА. Заедничките активности ќе бидат насочени и кон идентификација на компании што се корисници на ФИТР, а кои покажуваат интерес за дополнителна финансиска поддршка од страна на банките – членки на МБА, со цел реализација на нивните бизнис планови.

    Меморандумот за соработка го потпишаа претседателката на Македонската банкарска асоцијација, Маја Стевкова Штериева и директорот на Фондот, Јован Деспотовски. Деспотовски нагласи дека Фондот за иновации и технолошки развој, со потпишувањето на овој меморандум, прави конкретни чекори во поглед на олеснувањето на пристапот до финансиски средства за микро, малите и средните компании во државата, што вклучуваат и заеднички едукативни и промотивни активности, зголемување на нивото на финансиската писменост, олеснет бизнис развој и комерцијализација на иновации.

    „Со потпишувањето на овој меморандум, Фондот, заедно со Македонската банкарска асоцијација, реално придонесува кон подигање на нивото на претприемничката култура во државата, поттикнување на иницијативите за создавање сопствен бизнис, како и раст и развој на целокупната економија. Се надевам дека во иднина овие наши конкретни чекори ќе им овозможат на сите наши сограѓани да уживаат во придобивките од една стабилна и одржлива економија“, посочи Деспотвоски.

    Маја Стевкова Штериева ја потврди заложбата на Македонската банкарска асоцијација со конкретни дејствија да се олесни пристапот на домашните компании до финансии, преку организирање обуки и тренинзи, и преземање конкретни активности за подобрување на финансиската писменост на потенцијалните апликанти.

    “Кон крајот на мината година, Фондот за иновации и технолошки развој ги презентираше инструментите за финансиска поддршка на домашните компании пред членките на Македонската банкарска асоцијација.

    На средбата дискутиравме за кредитна поддршка на банките за корисниците на ФИТР и за компаниите чии предлог проекти поради ограничените финансиски ресурси на Фондот не се одобрени за финансирање, а имаат потенцијал за реализација и развој на проектот. Претставниците на банките изразија подготвеност да ги разгледаат сите можности за соработка и поддршка во финансирањето. Во таа смисла беше договорено да се воспостави систем за размена на информации помеѓу ФИТР и МБА со цел реализација на овие иницијативи“, изјави Стевкова-Штериева.

    Со потпишувањето на овој меморандум за соработка, ќе се овозможи идентификување на компании кои се јавиле како апликанти на повиците на Фондот и не се избрани за доделување на финансиска поддршка од страна на Фондот, како и компании корисници на финансиска поддршка од Фондот кои би имале интерес за дополнителна финансиска поддршка од страна на банките – членки на МБА, со цел да се овозможи реализација на нивните бизнис планови.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично