Инвестиции од 14.623.800 евра годинава ќе реализира „Макстил“ АД Скопје. Износот надминува десет отсто од капиталот на Друштвото, определено врз основа на последните ревидирани годишни финансиски извештаи и имаат за цел унапредување на производствените процеси, зголемување на безбедноста и заштита на здравјето на вработените, зголемување на енергетската ефикасност и подобрување на квалитетот на производите, се наведува во известувањето упатено до Македонската берза. Реализацијата на вложувањата ќе почне во второто тримесечје од годинава.
Во плановите за оваа 2023 на македонскиот производител на челик „Макстил“ е од пласманот на своите производи да направи добивка, која пред оданочувањето би била 10,229 илјади долари, односно во нето износ од 9,205 илјади долари.
Според зацртаното, Челичарница треба месечно да произведува 25.000 мт, а Валалница, зависно од месецот од 19,632 до најмногу 26.473 мт.
Во делот на приходите и трошоците „Макстил“ планира месечни сопствени испораки од по 5,800 мт, со просечна продажна цена EXW од 972 до 1,073 долари за мт.
Според податоците, од ланското производство најголем дел 51,1 отсто е пласиран во ЕУ, во Турција – 31,4, во останатите европски земји – 9,1, во Канада и САД – 1,5, а во Македонија 6,9 проценти. За производите на „Макстил“ има повеќе од 500 купувачи во над 40 држави.