Секторот за внатрешни работи Струмица поднесе кривична пријава против поранешниот директор на Јавното претпријатие за комунална дејност во Струмица, З.Г. (56), поради сомнение дека извршил кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, согласно член 353 од Кривичниот законик.
Според информациите на Министерството за внатрешни работи, З.Г. во 2022 и 2023 година спровел набавки на вреќи за отпад во вкупна вредност од 3,1 милион денари, без да ја почитува законската процедура за јавни набавки.
Во 2022 година, тој набавил вреќи во вредност од 1.239.000 денари од струмичка фирма, а во 2023 година повторил слична постапка, набавувајќи нова количина во вредност од 1.872.660 денари. Според полицијата, и двете набавки биле спроведени без спроведување на јавен оглас или конкурс, што претставува прекршување на член 40 од Законот за јавни набавки.
Дополнително, како раководно лице, З.Г. бил должен да предложи годишен план за набавки и да донесе соодветни одлуки за трошоците во рамките на претпријатието, обврска утврдена со член 34 од Статутот на претпријатието. Но, според пријавата, ова не било направено.
Полицијата тврди дека со ваквите дејствија, директорот му овозможил на правното лице од Струмица да се стекне со противправна имотна корист во износ од 3.111.660 денари.
Основното јавно обвинителство во Струмица ја презеде пријавата и ќе постапува по случајот, во насока на утврдување на сите факти и можни дополнителни одговорности.