ПОВЕЌЕ

    Комората со силна поддршка од компаниите: На стопанството му се потребни субвениции за да ги задржи вработените

    Време зa читање: 2 минути

    На работните средби со претседателот на Комората Бранко Азески, менаџментот на компаниите „Кожувчанка“ ДОО Кавадарци и Металопромет – Струмица ја споделија загриженоста за високите трошоци за електрична енергија кои се неколку кратно повисоки и најавуваат дека без поддршка од државата прашање е на време кога ќе затворат.

    И двете компании, на работните состаноци дадоа силна поддршка и застанаа зад Комората во нејзините барања стопанството да добие брза и ефикасна поддршка од државата.

    „Мора брзо да се дејствува, изгубивме многу време чекајќи ги мерките коишто треба да ги намалат негативните последици и ефекти по економијата што ги носи енергетската криза“, потенцираше Азески на средбите.

    Од „Кожувчанка“ нагласуваат дека скапата енергија ги зголеми цените и на репроматеријалите, во просек за 30%, и сето тоа придонесува за намалување на конкурентноста на домашниот пазар, во однос на увозните производи, кои имаат доста пониски трошоци за електрична енергија, а следствено на тоа и пониски трошоци за производство.

    „Следува зима кога за прв пат не знаеме ниту како да го испланираме производниот процес, а за начин на продажба и конкуренција на пазарот и остварување на приход не станува ниту збор. Ова е време кога е потребно да се задржиме како компанија на пазарот и да ги задржиме вработените сѐ со цел да се почекаат подобри времиња. Но без субвенции тоа ќе биде невозможно, ќе бидеме принудени да го прекинеме производството или да го сведеме на минимум и да го намалиме бројот на вработени“, информираше Јанинка Чупаркоска, управител и сопственик на „Кожувчанка“.

    И компанијата Металопромет – Струмица, која е на листата на големи потрошувачи на електрична енергија бара Владата итно да преземе мерки за ублажување на кризата предизвикана од високите цени на струјата. Во спротивно, велат од компанијата, прашање на време е уште колку долго можат така да издржат.

    „Нашата компанија е 95% извозно ориентирана, но сме целосно неконкурентни на пазарите на Европа затоа што конкуренти од регионот плаќаат многу поевтина цена на струјата“, вели Митко Шапковски, сопственик.

    Од компанијата, чија основна дејност е производство на заварени цефки и профили додаваат и дека продажбата сега, во споредба со првиот квартал од 2022 година, им е намалена за 80%.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично