Празникот на македонското литературно творештво, манифестацијата „Роман на годината“, секоја година е повод за нова гордост и нов подвиг на целокупната културна дејност во земјава. Токму затоа Комерцијална банка е особено горда што шеста година по ред е генерален покровител на престижната награда „Роман на годината“, која годинава ќе му се додели на романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од академик Влада Урошевиќ, во издание на „Арс Либрис“.
Оваа година манифестацијата „Роман на годината“ се одржува во кафе книжарница „Буква“, а традиционално наградата ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културата „Славко Јаневски“.
„Среќна сум што Комерцијална банка уште од 2017 година ја поддржува наградата ‘Роман на годината’, која слави извонредни дела и автори и носи светлина во секојдневната ‘темница’ со која се соочуваме во земјава и во светот“, истакна д-р Маја Стевкова-Штериева, Главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка, по повод објавувањето на добитникот.
Наградата под покровителство на Комерцијална банка се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150 илјади денари. Банката обезбедува и 183.000 денари за паричен надоместок на членовите на жири-комисијата. Лауреатот, академик Влада Урошевиќ, почестен од наградата и од фактот што зад оваа награда стои Комерцијална банка, е горд на ова признание затоа што му го доделува Фондацијата „Славко Јаневски“.
„Романот го пишував две и пол години, со големи напори да го задржам темпото, да се пишува секој ден. Мојата опсесија со куќи е дамнешна и е поврзана со мојот живот. Во овој роман таа куќа е главната личност. Куќата во животот ми е нешто многу значајно. Сум живеел во бурни времиња и од седум куќи сум бил насилно иселуван. Разни војски ме иселувале насилно, а од седмата куќа насилно сум иселен поради земјотресот, и веројатно така се родила опсесија кај мене за една куќа која стои со векови цврсто на едно место и има некој свој живот кој го дели со нејзините жители“, рече Урошевиќ по повод наградата „Роман на годината“.
Годинава, за наградата одлучуваше жири-комисија во состав: Симона Јованоска (претседателка), Гоце Ристовски, Илир Ајдини, Сашо Кокаланов и Катерина Богоева.
Со поддршката на „Роман на годината“, како и со целокупната своја поддршка на домашната литература, Комерцијална банка дава долгорочен и исклучително значаен придонес за унапредување на литературното творештво во земјава.