ПОВЕЌЕ

    КАМАТИТЕ ПАЃААТ, НО ПОВЕЌЕ РАСТАТ – За кредитите просечна стапка од 5,47 проценти

    Време зa читање: 3 минути

    За кредитите одобрени од банките и штедилниците во јуни се пресметувала просечна каматна стапка од 5,47 проценти, додека за депозитите изнесувала 1,88 проценти. И кај двете камати има годишен раст, кај првата за 0,35, а кај втората за 0,48 процентни поени.

    Месечните промени, пак, минусирале 0,02 п.п. кај просечната каматна стапка на вкупните кредити, а исто толку надодале кај просечната каматна стапка на вкупните депозити.

    Податоците од Народната банка застапени во последниот, јунски извештај за позначајните движења кај каматите покажуваат дека за новоодобрените кредити важела стапката од 5,08%. Овде има и месечно и годишно – за 0,11, односно за 0,18 процентни поени.

    Просечната стапка на новите депозити е 2,52%. Повисока е за 0,16 п.п. на месечно, а пониска за 0,18 п.п. на годишно ниво.

    За кредитите на домаќинствата во шестиот месец се применувала просечна стапка од 5,66 проценти. Позајмените пари во јуни се поскапи за 0,01 п.п., колку што изнесува месечниот раст. Според НБРСМ, тоа движење произлегува од зголемените каматни стапки на денарските кредити без валутна клаузула. Годишната промена е за плус 0,31 процентен поен.

    Се зголемила и каматата за новоодобрените кредити на граѓаните. По месчниот раст од 0,03 п.п. каматата е на ниво од 5,29%. Се посочува дека тоа во целост се должи на растот на каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула. На годишна основа стапката е повисока за 0,02 п.п.

    За депозитите во јуни важечки се просечните 1,84 проценти. Каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата има месечно зголемување од 0,03, а годишно од 0,50 п.п. Месечното движење се согледува во растот на каматните стапки на девизните, но и на денарските депозити без валутна клаузула.

    Што се однесува до новите депоити доверени на банките, тие во јуни добиле стапка зголемена за 0,19 п.п., која изнесува 2,55%. Месечниот раст се должи на повисоките каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула и на оние за девизните депозити. Споредено со јуни 2023, оваа стапка е намалена за 0,32 п.п.

    Кредитите на корпоративниот сектор во јуни се окаматувале со просечна стапка од 5,26%, која на месечна основа е намалена за 0,05 п.п, а на годишна е зголемена за 0,40 п.п. Таа месечна надолна промена е поради падот на каматните стапки кај сите видови кредити.

    Стапката за новоодобрените кредити на компаниите во јуни има пад од 0,21 п.п., по што изнесува 4,95%. Тоа е резултат на намалените каматни стапки на денарските кредити со и без валутна клаузула. Исто така, има минус и на годишна основа, 0,31 п.п.

    Позитивни движења се забележани кај стапките на депозитите од компаниите. Во јуни вкупните депозити имале просечна стапка од 2,25 проценти. Повисока е за месечни 0,04 п.п. и за годишни 0,26 процентни поени, затоа што пораснале каматните стапки за депозитите во странска валута.

    Просечната камата за новопримените депозити на овој сектор е 2,39%. Тука месечното зголемување е за 0,01 п.п., а доаѓа од растот на стапките кај девизните депозити. Во однос на шестиот месец од минатата година, оваа каматна стапка е повисока за 0,28 процентни поени.

    М.А.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично