ПОВЕЌЕ

    И „Американ Експрес“ ги напушта Русија и Белорусија поради војната во Украина

    Време зa читање: 3 минути

    Американскиот гигант за кредитни картички и плаќања American Express во неделата соопшти дека ги прекинува своите операции во Русија и Белорусија поради, како што соопштија, „неоправданиот“ напад на Москва врз Украина, последниот удар на финансиските услуги за Русија поради нејзината инвазија.

    Со оглед на тековниот, неоправдан напад на Русија врз народот на Украина, Американ Експрес ги суспендира сите операции во Русија“, се вели во соопштението на компанијата, истакнувајќи дека картичките на Американ Експрес повеќе нема да работат кај трговците или кај банкоматите за пари во Русија. „Исто така, ги прекинуваме сите деловни операции во Белорусија“, се додава во соопштението на „Американ Експрес“.

    Покрај блокирањето на користењето на глобално издадените Amex картички во Русија, „Kартичките издадени локално во Русија од руски банки повеќе нема да работат надвор од земјата на глобалната мрежа American Express“, соопшти компанијата.

    Овој потег уследи откако и другите гиганти за плаќање со картички Visa и Mastercard, во саботата објавија дека ќе ги прекинат операциите во Русија. „Имајќи ја предвид невидената природа на актуелниот конфликт и неизвесното економско опкружување“, Mastercard соопшти дека „одлучила да ги прекине нашите мрежни услуги во Русија“. „Виза“, од своја страна, соопшти дека „постапува веднаш“ ќе „соработува со своите клиенти и партнери во Русија за да ги прекине сите трансакции со Виза во текот на следните денови“.

    Американскиот претседател Џо Бајден ја поздрави одлуката за време на телефонскиот разговор со неговиот украински колега Володимир Зеленски, во кој двајцата разговараа за активностите на САД, на сојузниците и на индустријата за одвраќање на Русија од натамошна агресија, стои во соопштението на Белата Куќа.

    Големите корпорации во низа индустрии го прекинаа бизнисот во Русија откако нејзините трупи ја нападнаа Украина на 24 февруари, од технолошките фирми со седиште во САД како Интел и Ербнб до француските луксузни гиганти ЛВМХ, Хермес и Шанел.

    Како што стапија на сила владините и корпоративните санкции, руската рубља падна на рекордно ниско ниво, принудувајќи ја централната банка во Москва повеќе од двојно да ја зголеми основната каматна стапка на 20 отсто. Рускиот претседател Владимир Путин им забрани на жителите да префрлаат пари во странство.

    Влијанието на инвазијата се разбранува низ глобалната економија, при што барел нафта сега се продава за близу 120 долари, додека цените на житарките, некои метали и други производи извезени од Русија и Украина се зголемуваат.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично