ПОВЕЌЕ

    Државата ќе ја добие четвртата најголема банка, со пазарно учество од 14 отсто

    Време зa читање: 3 минути

    Австриската Штаермаркише Банка и Шпаркасе, кои веќе се присутни во земјава 10 години, од 4 ноември се сопственици и на Охридска Банка. Со тоа станаа четврта најголема банкарска групација со пазарно учество од околу 14 отсто.

    На денешното објавување на промената на сопственоста на Охридска банка, соопштија дека Штаермаркише банка и Шпаркасен АГ се стекнаа со 91,57 отсто од акциите. Откупени се 71 отсто акции на Сосиете женерал и останатите од малцински акционери. Акциите се купени за 48 милиони евра.

    Во наредниот период ќе следи реорганизација, која треба да заврши во април 2021 година, а првите поволности за клиентите на двете банки ги најавуваат од 1 јануари 2020 година за користење на банкоматите и подигнување средства без провизија, како во земјава, така и во земјите од регионот каде е пристуна групацијата.

    Спојувањето на двете банки во Македонија во една групација, како што рече на прес-конференција, Георг Бухер член на УО на Штаермаркише шпаркасе, нема да значи во моментов отпуштање на вработени во двете банки во земјава. – Целта ни е да растеме. Во овој момент ни се потребни сите луѓе, но може да дојде момент кога треба да се борат за работно место. Спојувањето ќе биде во април 2021 година, рече Бухер.

    Штаермаркише Шпаркасе е пристуна во земјава од 2008 година, а Герхард Фабиш, претседателот на УО на банката, оцени дека тие се сериозен инвеститор кој има за цел да остане и дека ги поддржуваат земјите од Западен Балкан. – Веруваме во државите од Западен Балкан. Порано или подоцна тие треба да бидат дел од ЕУ и затоа ги поддржуваме да влезат во ЕУ. Влезот во ЕУ на овие држави ќе биде логичка последица и тоа ќе се случи порано или подоцна, рече Бухер, додавајќи дека немало влијание на нивната одлука процесот што земјава го води за добивање датум за преговори во ЕУ, но оти позитивно е влијанието од ратификацијата на протоколот за членство во НАТО. Убедени се дека ќе формираат нова успешна банка и задоволни што усепале да го зголемат присуството на македонскиот пазар.

    Според главниот извршен директор на Шпаркасе Македонија Глигор Бишев интегрираната банка ќе биде водечки финансиски супермаркет во регионот. – Банката ќе биде препознатлива по нашиот хуман однос, одговорно однесување, инклузија на клиентите, како и професионални совети и вмрежување на клиентите во земјата и странство. Убеден сум дека ќе бидеме прв избор на банка за нашите клиенти и вработени, истакна Бишев.

    „Поминавме доста, а ни претстои и еден долг предизвикувачки период. Главниот фокус и понатаму останува грижата за нашите клиенти. Ќе моделираме една нова, модерна и помоќна Шпаркасе Банка Македонија. Државата ќе ја добие четвртата најголема банка, со пазарно учество од 14%. Оваа банка ќе донесе бројни бенефити за клиентите, ќе отвори нови перспективи во економијата и ќе овозможи подигање на нивото на целиот банкарски сектор.“, изјави Нина Неданоска, Претседател на Управниот одбор на Охридска банка АД Скопје.

    Двете банки, Охридска банка АД Скопје и Шпаркасе Банка Македонија, сега ќе опслужуваат повеќе од 132.000 клиенти во земјата. Шпаркасе банка Македонија има актива од околу 350 милиони евра, а со приклучувањето на Охридска банка во Штаермеркише Шпаркасе вкупната активна на банката на македонскиот пазар ќе биде повеќе од милијарда евра.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично