За ова, односно за промената на позициите кај извршните членови на Одборот на директори, од компанијата информираат преку известување објавено на Македонска берза.
„Извршниот член на Одборот на директори – генерален директор Драган Наков, согласно одредбите од Статутот на Друштвото има неограничени овластувања, го застапува Друштвото во односите со трети лица и е одговорен за водење на работите на Друштвото во рамките утврдени со Закон и Статут“, наведено е во објавата.
За заменик на Наков повторно е именуван Иван Петровски. Тој како извршен член на одборот и воедно заменик генерален директор е „одговорен за водење на комерцијалното работење на Друштвото“.
Познато е, Драган е син на Штерјо Наков, кој не само што долги години беше на кормилото на шпедитерската компанија, туку и во периодот на транзицијата се вброи меѓу најмоќните македонски олигарси. Во „Фершпед“ е од 1983 година како вработен, но низ фазите на приватизација и доприватизација станува негова сопственост. Потоа, со годините бизнисот се шири во областите на винарството, хотелиерството, игрите на среќа…
Наследникот Драган Наков во јуни годинава, заедно со Филип Мишевски го преземаа управувањето и раководењето со „Хотели Метропол“ Охрид, каде што во сопственост на „Фершпед“ се 73,5 проценти од капиталот. Наков, кој и самиот има акции, е претседател на Одборот на директори, а Мишевски генерален директор. И за ова информацијата дојде преку Македонска берза.
Претходно, пак, на крајот од мај, Штерјо и Драган Накови станаа членови на Одборот на директори на „Лотарија на Македонија“, со мандат од шест години. Всушност, најголем и управувачки сопственик на „Лотаријата“ е скопски „Фершпед“.